Alaattin Doğru
19 Април 2023•Ажурирај: 25 Април 2023
ПАРИЗ (АА) - Во извештајот објавен во Франција откриено е дека во последните години има голем пораст на кршењето на правата на странските државјани во оваа европска земја, јавува Анадолу.
Францускиот омбудсман објави извештај за основните права на странците во периодот 2019-2022 година.
Според резултатите од извештајот, најмногу прекршувања на правата се забележани во пристапот кон странците при барање за пријава и продолжување на престојот во департманите.
Од 2019 година закажување термини може да се врши само преку веб-страницата на Министерството за внатрешни работи. Меѓутоа, поради пополнетоста на термините не може да се објавуваат нови барања.
Во текот на 2022 година до францускиот омбудсман биле поднесени 125.000 претставки на овие кршења на правата, што е пораст за девет отсто во однос на претходната година.
Кршењето во остварувањето на правата на странците во периодот од 2019 до 2022 година се зголеми од 6.540 на 21.666, што претставува зголемување од дури 231 отсто.
Во регионот Ил-де-Франс, каде што се наоѓа главниот град Париз, оваа стапка порасна на дури 450 отсто.
Канцеларијата на омбудсманот утврди дека многу странци што влегле во Франција во рамките на законските процедури не биле во можност на никаков начин да пристапат до услугите за закажување термин за да аплицираат за престој.
Француската народна правобранителна Клер Хедон ја оцени моментната ситуација како загрижувачка, предупредувајќи дека кршењето на правата довело до влошување на административниот систем и дека многу луѓе станале нерегуларни мигранти.