Mustafa Keleş
06 Септември 2017•Ажурирај: 06 Септември 2017
ЊУЈОРК (АА) - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, во врска со последните настани во Мјанмар соопшти дека изразува длабока загриженост поради кршењето на човековите права, безбедносните прашања и хуманитарната ситуација во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
„Изразувам длабока загриженост поради кршењето на човековите права, безбедносните проблеми и хуманитарната ситуација во покраината Аракан во Мјамнар. До Советот за безбедност на ОН испратив писмо со кое ги запознав со загриженоста којашто ја чувствувам поради насилството во Мјанмар, како и со чекорите кои треба да се преземат“, истакна Гутереш на прес-конференција одржана во седиштето на ОН во Њујорк.
Тој истакна дека ОН се свесни за, како што рече, дискриминацијата, безнадежноста и екстремната сиромаштија во покраината, додавајќи дека тие добиле извештаи за тоа како безбедносните сили на Мјанмар вршат насилство и за нападите во таа покраина.
„Ваквите постапки само ќе го зголемат радикализмот“, предупреди Гутериш, нагласувајќи дека досега речиси 125.000 луѓе бегајќи од безнадежноста и насилството, побегнаа во Бангладеш, додека, како што додаде, голем број луѓе ги загубиле своите животи по пат.
Тој предупреди дека постои сериозен ризик од етничко чистење во таа азиска земја.
„Мислам дека се соочуваме со ризик од етничко чистење во Мјанмар, но пак се надевам дека ситуацијата нема да го достигне тоа ниво. Апелирам до цивилните и воените лидери на Мјанмар да престанат со насилството. Мислам дека оваа криза би можела да го турне регионот во нестабилност“, изјави Гутереш.
Тој истакна дека меѓународната заедница мора со заеднички сили да ги преземе потребните напори за да се изнајде решение за кризата во Мјанмар.
„Меѓународната заедница мора заеднички да преземе чекори со цел насилството веќе да не се случува, и да се најде сеопфатно решение за постојните проблеми“, рече генералниот секретар на ОН.
На крај истакна дека властите на Мјанмар треба да ги преземат потребните чекори со цел да го сопрат насилството во земјата.
„Властите во Мјанмар мора да преземат решителни чекори за да се стави крај на овој маѓепсан круг на насилство, да се овозможи испорака на хуманитарна помош за сите кои имаат потреба и да се воспостави безбедност. Ги повикувам да овозможат непречена достава на хуманитарната помош, што секако спасува човечки животи. Исто така, неодложни се и ефикаснките планови кои ќе се спроведат со цел да се најде решение за тековните проблеми што ја предизвикаа кризата. Од витално значење е на муслиманите од Аракан да им се обезбеди државјанство или, во најмала рака, да им се регулира правниот статус со што ќе им се овозможи нормален живот. Потребно е да им се овозможи слобода на патување, работа, образование, и да им се достапни и други услуги“, рече Гутереш.
Под изговор за борба против милитантните групи, армијата на Мјанмар во изминатите неколку дена уништи најмалку 60 муслимански села, од кои десетици илјади селани принудени да побегнат во соседниот Бангладеш.
Според последните извештаи на ОН, во Бангладеш досега влегле 123.000 муслимани од Аракан, а десетици илјади чекаат да ја преминат границата.