Ömer Faruk Yıldız
30 Јуни 2021•Ажурирај: 01 Јули 2021
КУАЛА ЛУМПУР
Во Мјанмар 16 лица кои беа против воениот удар се осудени на смрт, наводно за извршени убиства, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во веста во „Мјанмар нау“ (Myanmar Now) се наведува дека е одржана завршната парница за лицата приведени во истрагата за убиството на три лица за кои се тврди дека биле шпиони на Армијата на Мјанмар во Јангон на 15 март.
Исто така, се истакнува дека Воениот суд во Јангон осуди 16 лица на смртна казна „откако се докажа дека се поврзани со убиствата“.
Роднините на затворениците кои се осудени на смртна казна, во изјава за „Мјанмар нау“ тврдат дека казните се дадени без докази и дека Воениот суд носи политички одлуки.
Заклучно со последните казни, бројот на осудени на смрт во Мјанмар по воениот удар се искачи на 41.
- Воен удар во Мјанмар
Армијата на Мјанмар ја презеде власта во земјата на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Како резултат на вооружената интервенција на Армијата на Мјанмар врз демонстрантите кои беа против пучот, досега 883 цивили го загубија животот, а илјадници се приведени.
Додека во земјата се одржуваат демонстрации што започнаа на 6 февруари со барање за враќање на демократијата, продолжува судењето на приведените високи државни функционери пред Воениот суд.