Erbil Başay
05 Ноември 2021•Ажурирај: 06 Ноември 2021
БЕРЛИН (АА) - Руски дипломат беше пронајден мртов на 19 октомври во близина на зградата на Руската амбасада во Берлин, тврди германското списание „Шпигел“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во веста се наведува дека берлинската полиција пронашла тело на тротоар пред Руската амбасада во Берлин на 19 октомври во 7:20 часот.
Дипломатот (35), за кого се мисли дека паднал од горниот кат на зградата на Амбасадата во улицата „Бехрен“ во Берлин, е акредитиран како втор секретар во Амбасадата од 2019 година.
Во оваа вест се наведува дека германските безбедносни власти тоа лице го идентификувале како вработен во руската разузнавачка служба ФСБ, а се тврди дека дипломатот исто така е роднина со лице од повисоките органи на ФСБ.
Со оглед на тоа дека Руската амбасада не дозволила да се изврши обдукција на телото на дипломатот, германското Обвинителство не може да спроведе истрага за смртта, бидејќи починатиот имал дипломатски статус.
Се истакнува дека телото на дипломатот е однесено во Русија, а Руската амбасада инцидентот го окарактеризира како „трагична несреќа“ и порачано е дека не сака да коментира од „етички причини“.
Портпаролот на германското Министерство за надворешни работи, Кристофер Бургер, изјави дека Министерството е запознаено со проблемот и дека не може да даде детали за инцидентот поради приватноста на тоа лице.