Mücahit Oktay
05 Ноември 2021•Ажурирај: 08 Ноември 2021
ЊУЈОРК (АА) – Истражување во Соединетите Америански Држави (САД) откри дека милиони луѓе во државата пијат „невидлив отровен коктел“, кој се состои од канцерогени хемикалии во водата од водоводната мрежа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според базата на податоци за водата од водоводната мрежа за 2021 година споделена од Работната група за животна средина (EWG), арсенот, оловото и други хемикалии кои остануваат во телото многу години, пронајдени се во водата за пиење во 50 американски сојузни држави, вклучувајќи го и главниот град Вашингтон.
„Одделот за подземни води и вода за пиење при Агенцијата за заштита на животната средина (EPA) не може да го издржи притисокот кој се прави од страна од властите одговорни за водата и загадувачите за да го заштитат здравјето на луѓето од десетиците токсини во водата за пиење во Соединетите Американски Држави“, истакна претседателот на ЕВГ, Кен Кук, во писменото соопштение.
Според соопштението, за да се состави базата на податоци, истражувачите и научниците анализираа речиси 50.000 системи за вода низ САД во текот на две години.
Истражувачите сметаат дека проблемот со водата од чешмите е настанат поради „контаминација на изворската вода и од старата инфраструктура“, како и поради старите прописи на ЕПА кои „дозволуваат нивоа на токсични хемикалии во водата за пиење кои не се безбедни“.
- Водата од водоводната мрежа во Вашингтон исто така екстремно загадена -
Истражувачите идентификуваа 56 нови активни супстанции кои ја загадуваат водата за пиење.
Дополнително, во водоводната мрежа во Њујорк пронајдени се 10 загадувачки материи кои не се во согласност со здравствените упатства на ЕВГ, но ги исполнуваат федералните стандарди.
Меѓу другото, истражувачите на институцијата нагласија дека сиве овие загадувачки фактори го зголемуваат ризикот од рак.
Законот за безбедна вода за пиење од 1974 година ја овласти ЕПА да го надгледува квалитетот на водата од водоводната мрежа во САД. И покрај тоа што агенцијата постави максимални нивоа за повеќе од 90 загадувачи, повеќето системи за вода се всушност небезбедни, според ЕВГ.