Abdula Berisha
19 Април 2023•Ажурирај: 20 Април 2023
СКОПЈЕ (АА) - Шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир, изрази разочарување од нивото на реформите во прашањето за борбата против корупцијата и владеењето на правото, изјавувајќи дека „премалку е постигнато“ во оваа сфера, јавува Анадолу.
Евроамбасадорот Гир присуствуваше на работен состанок со вицепремиерката на Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска. На состанокот присуствуваа и раководители на повеќе државни институции.
Состанокот има цел континуирано мониторирање на прогресот постигнат од институциите вклучени во борбата против корупцијата, односно исполнувањето на препораките наведени во Извештајот од Европската комисија за 2022 година и Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси за 2021-2025.

Гир рече дека овој состанок е уште една пригода за осврнување кон задачите што ѝ престојат на Северна Македонија во борбата против корупцијата.
Тој потсети дека власта и судството мора да бидат протагонисти во борбата против корупцијата, додавајќи дека тоа е обврска и за општеството како целина.
„Борбата против корупцијата бара целосна посветеност на земјата како целина. И додека видовме одреден напредок, пасивните реформи во овие области, во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата, остануваат разочарувачки. Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија од минатата есен, кој е во фокусот на денешниот состанок, дава јасни насоки за тоа што треба да се направи и каде треба да биде приоритетот. Тоа сите го знаеме, но досега премалку е постигнато", нагласи Гир.
Тој ги повика институциите да постапат врз основа на препораките, додавајќи дека можат да сметаат на поддршката од ЕУ.

Вицепремиерката Грковска рече дека вакви состаноци ќе се одржуваат во континуитет, со цел да се следи динамиката на прогресот за слабостите што се наведени во европскиот извештај.
„Приближувањето кон ЕУ, како наша најзначајна стратегиска цел, значи постојано да ги јакнеме одговорноста и отчетноста на институциите, да ја подобруваме нивната функционалност како сервис кон граѓаните и како мотор на социоекономскиот напредок и поквалитетен животен стандард", рече Грковска.
Таа ги повика раководителите на институциите за поголема проактивност, додавајќи дека на извештајот треба да се гледа како поттик за акција.
Вицепремиерката Грковска, исто така, повика на тесна соработка меѓу институциите, додавајќи дека одредени резултати не зависат само од една институција, туку од соработката меѓу повеќе институции.