Şerife Çetin
02 Декември 2020•Ажурирај: 03 Декември 2020
БРИСЕЛ
Високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседателот на Европската комисија, Џозеп Борел, најави оживување на билатералните односи и јакнење на партнерството со новата американска администрација, јавува Агенција Анадолија (АА).
Борел на прес-конференцијата во Брисел истакна дека наредната година на Самитот ЕУ-САД би можела да биде прифатена Декларацијата за нивните билатерални односи.
Тој истакна дека Декларацијата под назив „Нова агенда на ЕУ и САД за глобалните промени“ претставува силна порака на САД за прашањето за значењето на трансатлантските односи.
„Декларацијата содржи предлози за тоа како светот можеме да го претвориме во подобро место за живот“, изјави Борел, и додаде дека е многу важно ЕУ и САД да ги оживеат и продлабочат односите:
„Да изградиме партнерство кое на нашите граѓани ќе донесе просперитет, стабилност, мир и безбедност. Немаме време за чекање, да ја завршиме работата.“
Потсетувајќи дека САД често бараат од ЕУ да преземе поголема одговорност, Борел изјави дека Декларацијата е јасен показател на подготвеноста на ЕУ во поглед на јакнење на билатералните односи.
„ЕУ и САД мораат да бидат силни глобални партнери. Односите мора да продолжат со повеќе соработка која ја дополнува НАТО. Мораме повторно да го промовираме глобалниот поредок заснован на правилата, како и мултилатеризмот“, изјави тој.
Борел исто така изрази надеж дека двете страни ќе ги подобрат односите во сите области.
Декларацијата која ја најави Борел предвидува дека ЕУ и САД ќе развиваат соработка во четири области - борба против пандемијата на Ковид-19, заштита на светот од глобални промени, воспоставување технолошки и трговски стандарди и заедничка работа на подемократски и побезбеден свет.