Ata Ufuk Şeker
30 Март 2020•Ажурирај: 31 Март 2020
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) соопшти дека на земјите од Западен Балкан ќе им се понуди итна финансиска поддршка од 38 милиони евра во рамки на борбата против пандемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Европската комисија истакна дека на земјите од Западен Балкан ќе им понуди помош, со цел исполнување на некои итни потреби, како маски, очила, респиратори, лабораториски и други материјали.
Во соопштението на Комисијата се нагласува дека ЕУ ќе понуди итна финансиска поддршка за поддржување на јавните здравствени системи во вредност од по 4 милиони евра за Северна Македонија и Албанија, 7 милиони евра за Босна и Херцеговина, 3 милиони евра за Црна Гора, 5 милиони евра за Косово и 15 милиони евра за Србија.
Во соопштението се вели дека ЕУ ќе направи и промени во ИПА-фондовите со цел да помогне во намалување на социоекономското влијание на коронавирусот на Западен Балкан. „Ќе се додели помош од 46,7 милиони евра за Албанија, 73,5 милиони евра за Босна и Херцеговина, 50 милиони евра за Црна Гора, 62 милиони евра за Северна Македонија, 78,4 милиони евра за Србија и 63 милиони евра за Косово“, се наведува во соопштението.
Според ова соопштение, земјите од Западен Балкан се вклучени во иницијативата на ЕУ за заедничко купување на опрема за лична заштита.