Ekip
21 Мај 2022•Ажурирај: 23 Мај 2022
КИЕВ (АА) - Жителите на селото Јасногородка во Украина, кои се нападнати од Русија, изјавија дека врските со рускиот народ во потполност им се прекинати, известува Агенција Анадолија (АА).
Селото Јасногородка, оддалечено околу 45 километри од центарот на Киев, главниот град на Украина, ги носи трагите од војната меѓу Русија и Украина, што започна на 24 февруари и трае речиси три месеци.
Судирите во селото започнаа во почетокот на март. Причинета е материјална штета на објектите, а имало и цивилни жртви.
Локалната жителка Надија изјави дека во текот на нападот била дома со семејството.

„Сите куќи во оваа улица се оштетени“, раскажа Надија.
Таа рече дека цел на руските сили биле и цивилите кои се обиделе да ги бранат своите домови.
„Никого не повредивме. Ние заработуваме свои пари. Сигурно Русите биле љубоморни на нас. Нашето село има асфалт, потребна инфраструктура, сѐ“, рече Надија.
Уништена е и куќата на Викторија.
„Повеќе немаме дом. Уништено е сѐ што сме створиле во текот на животот. Ги расчистуваме урнатините во текот на денот. Примаме хуманитарна помош“, раскажа Викторија.
Таа изјави дека нејзиниот син доброволно ѝ се приклучил на украинската Војска.

„Мојот 25-годишен син во моментов се бори во регионот на Доњецк. Немам информации за него. Секој ден очекувам некоја вест за него. Нашите војници се борат за нашата земја“, истакна Викторија.
Нејзини роднини живеат во Ростовската Област во Русија.
„Тие се борат против нас. Не сум разговарала со нив уште од 24 февруари бидејќи не веруваат дека станува збор за војна. Им испратив слики од својата бомбардирана куќа. Русите нѐ убиваат, мачат“, рече Викторија.

Олга го прекинала контактот со своите роднини во Русија.
„Што им сторивме? Бомбардираа шест куќи во нашата улица, како и црква. Повеќе ѝ веруваат на руската телевизија и нѐ мразат. Што ќе беше да живееја тука? Нека живеат таму и нека не нѐ задеваат. Нашите врски со Русите, кои порано ги доживуваме како браќа, засекогаш се прекинати“, изјави Олга.