Fuat Kabakcı
28 Август 2018•Ажурирај: 28 Август 2018
ПЕКИНГ (AA) – Кинеските научници тврдат дека загаденоста на воздухот ја намалува интелигенцијата на човекот, пренесува Anadolu Agency (AA).
По низа научни истражувања во кои открија дека загадувањето на воздухот е штетно за работата на црниот дроб и животниот век на човекот, кинеските научници спроведоа и истражување со кое утврдија дека тој проблем многу негативно влијае и на вербалната и нумеричката способност на мозокот.
Весникот „South China Morning Post“ објави дека експертски тим спровел истражување на примерок од близу 32.000 мажи и жени во 86 кинески градови во кои проблемот на загаденоста на воздухот е најприсутен.
Резултатите на истражувањето покажаа дека испитаниците значително многу повеќе грешеле во одговорите на тестирањето во екот на зголемена загаденост на воздухот.
Експертите предупредуваат дека загаденоста на воздухот го зголемува ризикот од појавата на Алцхајмерова болест.
Загаденоста на воздухот во Кина се јавува како последица на брзиот развој и индустријализација, а научниците најавија продолжување со работа на овој проблем и неговото влијание врз здравјето и животот на човекот.
Деталните резултати на истражувањето на кинеските научници се објавени и во американското стручно списание „Proceedings od the National Academy of Science“.