Muhammet İkbal Arslan
16 Јануари 2023•Ажурирај: 17 Јануари 2023
ДАВОС (АА) - Светските лидери, креатори на политики и активисти се собраа денес на Светскиот економски форум (WEF) во Давос, Швајцарија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шефовите на држави и бизнис-лидерите ќе се фокусираат на војната во Украина и на економската нестабилност во услови на климатски промени.
Светскиот економски форум се одржува на тема „Соработка во фрагментиран свет“, а ќе трае до 20 јануари.
„Толку многу е во игра што навистина мораме да најдеме решенија за војните и конфликтите. Исто така, треба да се погрижиме да не влеземе во рецесија и да имаме десет години низок раст како што имавме во 1970-тите“, рече Борге Бренде, претседател на Светскиот економски форум.
Најавено е учеството на 56 министри за финансии, 19 шефови на централни банки, 30 министри за трговија и 35 министри за надворешни работи.
Форумот обединува повеќе од 2.700 лидери од 130 земји, вклучително и 50 шефови на држави и влади, бидејќи повеќекратните кризи ги продлабочуваат поделбите и го фрагментираат геополитичкиот пејзаж.
Оваа година ќе има и најголемо деловно учество во Давос, со повеќе од 1.500 лидери кои се регистрирани во 700 организации.
Преземени се опсежни безбедносни мерки во областа каде што се одржува Светскиот економски форум и на влезот во градот Давос.
Контролните пунктови поставени од швајцарската полиција на влезот во Давос доведоа до голем метеж и редици на возила.
Давос е швајцарско гратче во Алпите во кое живеат околу 11.000 жители. Местото ја стекна вистинската слава пред повеќе од сто години со романот „Магичен брег" од Томас Ман, но веќе пет децении е познато како место што ја собира економската и политичката елита.
Светскиот економски форум пред пет децении го основа Клаус Шваб со цел да го поправи светот во кој живее. На темелот на проектот на Шваб, Давос стана модерен центар на капитализмот.