ЛОНДОН (АА) - Некои европски земји доживуваат тешка зима со зголемен притисок врз здравствените системи во услови на штрајкови, недостиг на лекови и пораст на зафатеноста на болничките кревети, пишува Агенција Анадолија (АА).
Иако Европа се фокусира на политичките и економски прашања како што е тековната руска војна против Украина, неизвесноста за цените на енергијата и трошоците за живот, здравјето стана важна точка на агендата на многу европски земји.
Зголемувањето на случаите на грип и коронавирус, како и штрајковите на здравствените работници, одиграа голема улога во зголемувањето на притисокот врз здравствените системи, што предизвика долги редици во болниците и стапки на зафатеност на болничките кревети поголеми од очекуваното.
Зголемените случаи на заболувања на горните дишни патишта се дефинирани како „тридемија“ во некои земји како што е Франција, додека Велика Британија ја означи моменталната ситуација како „твиндемија“.
Светската здравствена организација (СЗО) на 1 декември 2022 година предупреди дека „епидемијата на сезоната на грип започнува рано во Европа“ и дека земјите се обидуваат да го олеснат товарот на здравствените системи кои се изложени на ризик од зголемени случаи на респираторен синцицијален вирус и Ковид.
Ситуацијата во европските земји:
- Франција -
Додека се бори со „тридемијата“ на коронавирус, грип и бронхиолитис, широк спектар на протести и штрајкови на лекарите станаа главна точка на дневниот ред кога станува збор за здравствениот систем во Франција.
Протестирајќи за подобри плати и услови за работа, лекарите по општа медицина штрајкуваа од 26 декември 2022 година до 8 јануари 2023 година.
Покрај зголемениот број пациенти, недостигот на персонал и зимските болести кои предизвикаа долго чекање во одделенијата за итни случаи, недостигот на лекови е уште еден тековен проблем бидејќи парацетамолот и детските антибиотици тешко се наоѓаат во аптеките поради проблемите со снабдувањето.
Министерот за здравство Франсоа Браун на 5 јануари рече дека на Франција ѝ требаат два месеца за да ги надополни резервите на антибиотици за децата.
- Грција -
Зголемениот број пациенти од Ковид-19 и грип доведе до недостиг на места на одделенијата за интензивна нега и редици кај педијатрите.
Експертите повикаа да се преземат итни превентивни мерки поради значителниот пораст на респираторните инфекции.
Здравствените власти денес предупредија дека стапките на пополнетост во повеќето детски болници веќе го достигнуваат максимумот.
Никос Цанакис, специјалист по пулмологија, предупреди дека бројот на неделни случаи на грип може да достигне 350.000.
Грција се соочува со недостиг на лекови и веќе ја повика ЕУ да најде заедничко решение за недостигот на лекови што погоди повеќе земји членки.
Цитирајќи ги здравствените власти, извештаите на медиумите покажуваат дека повеќе од 80 отсто од креветите на одделенијата за интензивна нега се веќе полни.
- Велика Британија -
Велика Британија повторно стана „болниот човек на Европа“, при што се соочува со голем број штрајкови поради проблемот во здравствениот систем што се претвора во „криза“.
Тим Куксли, раководител на Здружението за акутна медицина, на 2 јануари изјави дека Националната здравствена служба (NHS) е под поголем притисок, поголем од оној за време на врвот на пандемијата на Ковид-19.
Порастот на случаите на Ковид-19 и грип, како и штрајковите на здравствениот персонал, го отворија патот за долги редици во службите за итни случаи, долго време на чекање на брзата помош и трагични смртни случаи.
Националната здравствена служба соопшти дека одделенијата за итни слуачи се борат да ги сместат пациентите бидејќи случаите на грип се зголемени за 47 отсто во текот на првата недела од 2023 година.
Друг проблем е листата на чекање за лекување што е меѓу ветувањата на британскиот премиер Риши Сунак дека ќе се реши. Како што се наведува, во моментов на листата чекаат над 7 милиони луѓе.
Дополнително, медицинските сестри ќе започнат дводневен штрајк на 18 јануари. Неколку дена подоцна, речиси 25.000 работници на брзата помош ќе излезат на штрајк поради несогласувањата во врска со платите.
- Швајцарија -
Швајцарската здравствена асоцијација на 9 јануари предупреди за криза во одделенијата за итни случаи по затворањето на итната помош во болницата „Мартињи“ преку ноќ.
„Ова е само почеток“, рече Винсент Риборди, копретседател на Швајцарското здружение за итна медицина, предупредувајќи на длабока криза.
Тој додаде дека затворањето на одделот за итни случаи покажува раширен проблем во земјата.
„Одлуката за затворање на одделот е резултат на недостигот на квалификуван персонал што е проблем кој е познат веќе неколку години“, рече тој во интервју.
- Германија -
Најголемата економија во ЕУ, исто така, се бори со недостиг на лекови како резултат на сериозниот проблем со снабдувањето и одложувањата во распоредот за испорака.
Според Германското здружение за хематологија и медицинска онкологија (DGHO), лековите за рак на дојка сè повеќе стануваат недостапни поради проблеми со испораката.
Германците, исто така, се соочуваат со недостиг на одредени лекови за треска или антибиотици, кои тешко се достапни во аптеките.
Здравствените власти минатиот месец предупредија на бран акутни респираторни заболувања кои „го туркаат германскиот здравствен систем до неговите граници“.
„Во моментов се соочуваме со достигнување на лимитот на здравствена заштита во сите области“, им рече на новинарите минатиот месец Џералд Гас, шеф на одборот на Здружението на германски болници (DKG).
Како и многу други земји, порастот на инфекциите на почетокот на зимата предизвика одделенијата за интензивна нега да се борат со големиот број пациенти.
- Шпанија -
Како и Велика Британија, Шпанија е земја во која пациентите треба да чекаат со денови за да бидат примени во болниците.
Собите за итни случаи се преполни, според извештаите на 11 јануари.
Министерката за здравство Каролина Даријас ја нарече сегашната состојба „постпандемиска ситуација“ и ги повика регионалните влади да се свртат кон дијалог со здравствениот персонал за да го решат тековниот штрајк.
Во октомври, лекарите во различни региони повикаа на штрајк во првите месеци од 2023 година поради условите за работа.
Според извештаите, на Шпанија ѝ се потребни 30.000 лекари и 130.000 медицински сестри за да обезбеди навремена нега.
Поради недостигот на персонал, проблемите стануваат посериозни во примарната здравствена заштита и во собите за итни случи, бидејќи листите на чекање стануваат сè подолги.
- Австрија -
Напливот на случаи со респираторен синцицијален вирус и Ковид го зголеми притисокот врз здравствениот систем.
На 9 јануари беше објавено дека две деца, кои не страдале од претходни болести, починале од грип во Универзитетската болница „Кеплер“ во Линц.
Од болницата, каде што во моментов се лекуваат голем број деца и млади луѓе од грип, соопштија дека стапката на зафатеност е зголемена и дека некои пациенти се лекуваат во одделенијата за интензивна нега.
- Данска -
Нордиската земја се соочува со „тројна епидемија“ бидејќи грипот, респираторниот синцицијален вирус и Ковид-19 се зголемуваат истовремено.
Околу 1.400 луѓе починале во текот на последната недела од 2022 година, најмалку 30 отсто повеќе од проценките, според Агенцијата за заразни болести во земјата.
Институтот „Стејтенс“ соопшти дека „тројната епидемија“ особено ја погодува постарата популација.
- Белгија -
Националниот институт за јавно здравје, „Сенсано“, официјално прогласи „епидемија на грип“ на 4 јануари со случаи што се зголемија на слично ниво како Ковид-19.
„Грипот веќе некое време е вратен во нашата земја, но сега се исполнети сите критериуми за да може да се зборува за епидемија на грип“, се вели во соопштението.
Земјата се бори со зимските вируси бидејќи повеќе од еден од пет пациенти кои посетиле лекар од примарната здравствена заштита поради симптоми слични на грип биле позитивни на тестот за грип, покажуваат извештаите.
Во својот последен неделен извештај за Ковид-19, Европскиот центар за превенција и контрола на болести рече дека сè уште има значителна активност на Ковид-19 во болниците во некои земји.
„Може да биде потребно уште некое време пред да стане видливо влијанието на зголемената изложеност на ранливите групи на респираторни вируси (поради зголеменото мешање меѓу генерациите за време на празниците)“, се вели во извештајот.
news_share_descriptionsubscription_contact
