Behlül Çetinkaya
26 Јули 2018•Ажурирај: 26 Јули 2018
ИСЛАМАБАД (АА) - Изборната комисија на Пакистан соопшти дека електронскиот систем за броење на гласовите паднал и дека гласачките ливчиња од вчерашните парламентарни избори се бројат рачно, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Комисијата, Бабар Јакуп, изјави дека системот паднал само неколку часа по затворањето на гласачките места и дека затоа сè уште не се објавени никакви резултати од изборите.
Истакнувајќи дека не се работи за теорија на завера, Јакуп изјави дека Изборната комисија се откажала од обидот за поправање на електронскиот систем и преминала на рачно пребројување.
Од друга страна, Државната телевизија на Пакистан (PTV) ги објави прелиминарните резултати според кои во водство е опозициската Пакистанска партија за правда (PTI), на чие чело е поранешната крикет-ѕвезда Имран Кан.
Според тие извори, Пакистанска партија за правда освои најмалку 100 пратенички места во Парламентот на Пакистан.
На второ место е Муслиманската лига на Пакистан - Наваз (PML-N), на чие чело е Шахбаз Шариф, која изгуби повеќе од 100 пратенички места во однос на претходниот состав во кој имаше мнозинство во Парламентот.
Слични резултати објави и медиумската куќа „Dawn News“, која наведува дека се пребројани 34 отсто од гласачките ливчиња.
Парламентот на Пакистан брои вкупно 342 пратенички места, од кои 272 се бираат на изборите, а преостанатите места се резервирани по задолжителните квоти за жени и претставници на малцинствата. За самостојно формирање влада на партиите им се потребни 137 парламентарни мандати.
Поголемиот дел од речиси 50 политички партии што учествуваа на вчерашните избори вложија голем број жалби за регуларноста на изборниот процес. Во тоа има предност PML-N, чиј претседател Шариф синоќа кажа дека на набљудувачите на таа партија не им се дозволува присуство во просториите во кои се бројат гласовите и дека нема да ги прифати изборните резултати.
Слична порака прати и лидерот на Народната партија (PPP) Билавал Буто Зердари, синот на убиената поранешна премиерка на Пакистан, Беназир Буто.
„Нема да прифатиме лажирани резултати од изборите“, порачаа од коалицијата на Советот за обединето движење (MMA).
За време на вчерашните избори во Пакистан се случија неколку терористички напади од кои најголем беше оној на гласачкото место во Квета, каде што животот го загубија најмалку 31 лице.