Mehmet Nuri Uçar,Abdel Ra'ouf Daoud Abdel Ra'uof Arnaout
16 Декември 2019•Ажурирај: 16 Декември 2019
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелските сили по 169. пат ги уништија домовите на Палестинците во селото Аракиб, кое се наоѓа во пустината Негев во јужниот дел на земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Членот на одборот за одбрана на селото Аракиб, Азиз ет Тури, во изјавата за АА истакна дека израелските сили уште еднаш го уништиле селото Аракиб, каде што живеат 22 палестински семејства.
Тој исто така рече дека ќе ги обноват уништените куќи што е можно поскоро.
Истакнувајќи дека куќите се срушени во моментот кога жителите на селото се наоѓале на главниот претрес во израелскиот Суд во врска со предметот „На кого му припаѓа земјата“, Азиз ет Тури рече: „Населението на Аракиб ќе продолжи да се бори неуморно сѐ додека не ги добие своите права.“
Тури, додавајќи дека во куќите изградени од дрва и пластични материјали живеат 22 палестински семејства, рече дека и покрај сѐ, ќе го обноват своето село.
Во селото Аракиб живеат повеќе од 80 Палестинци, граѓани на Израел. Првото уништување на селото од страна на Израел е спроведено во 2010 година.
Израелската администрација тврди дека „селото е изградено нелегално и треба да биде уништено“.
Селаните пак, потенцираат дека оваа земја ја наследиле од нивните дедовци долго време пред формирањето на Израел.
- Селаните по секое уништување ги обновуваат своите куќи
Селаните го продолжуваат својот отпор со повторно градење на нивните куќи кои се уништуваат од страна на израелските сили.
Како и во другите села во областа Негев, Израел и во селото Аракиб не ги обезбедува задолжителните услуги, како што се електричната енергија и доводот на вода. Израел, исто така не признава дека Палестинците кои живеат во регионот се сопственици на земјиштето.
Според палестинските извори, Израел досега запленил 11 милиони хектари од 12 милиони хектари од пустината Негев, каде што живеат 220.000 Палестинци.