Turgut Alp Boyraz
05 Декември 2017•Ажурирај: 05 Декември 2017
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелското раководство реагираше на изјавата на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, кој кажа дека Ерусалим е црвената линија за муслиманите, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Израел, Емануел Нахсон, даде писмено соопштение во коешто се вели: „Ердоган може да го прифати, или да не го прифати тоа, но Ерусалим е 3.000 години главен град на евреите, 70 години на Израел“.
Според вестите објавени во локалните медиуми во Израел, министерот за образование на Израел, Нафтали Бенет рекол: „За жал, во последните години, Ердоган не пропушти ниту една можност да го нападне Израел. Израел треба да продолжи со своите напори за признавање на Ерусалим за свој главен град. Секогаш ќе постојат некои кои ќе критикуваат, но на крајот, да се има обединет Ерусалим е многу подобро од благонаклонетоста на Ердоган“.
Освен тоа, локалните медиуми ја дадоа и изјавата на Јисраек Катз, раководителот на Министерството за транспорт и министер за разузнавање на Израел, кој рече: „Не примаме наредби од претседателот на Турција. Израел е самостојна држава и Ерусалим е нејзин главен град“.
Претседателот на Турција, Ердоган, денеска даде изјава во врска со тврдењата дека САД ќе го прифатат Ерусалим како главен град на Израел, во којашто се вели:
„Како претседател на Организацијата за исламска соработка, ќе ја следиме целата ситуација до крај. Доколку направат еден таков чекор, веднаш, во рок од 5 до 10 дена, ќе се состанеме во Истанбул, на самит, лидерите на Организацијата за исламска соработка. Тоа значи дека можно е да се оди до точката на прекин на дипломатските односи со Израел“.
„Сакам уште еднаш да ја искажам својата тага поради вестите околу одлуката на САД да го признаат Ерусалим за главен град на Израел. Почитуван Трамп, Ерусалим е црвената линија за муслиманите. Донесувањето на една ваква одлука за поддршка на Израел, во време кога Израел прави повреда на правата, спроведува прогони и притисоци врз народот на Палестина од чии рани тече крв, тоа не е само нарушување на меѓународното право, туку во исто време и голем удар врз човековата совест. Во овој период, како претседател на Организацијата за исламска соработка, ова прашање ќе го следиме до крај. Доколку биде направен еден ваков чекор, веднаш, во рок од 5 до 10 дена, ќе се состанеме во Истанбул, на самит лидерите на Организацијата за исламска соработка. Нема да останеме само на тоа“, рече Ердоган.
„На таа лидерска средба ќе спроведеме многу поважни активности со коишто ќе биде мобилизиран сиот исламски свет, бидејќи тоа што се планира не е обичен настан. Америка ги заврши сите работи, сега само уште ова ли ѝ преостана? Нетанјаху не успева да ги заврши пресметките во рамките на Израел. Одлучни сме до последиот момент да ја водиме нашата борба. Тоа значи дека можно е да се оди до точката на прекин на дипломатските односи со Израел. Доколку Америка направи ваков чекор, со кој ќе продолжи да ги продлабочува регионалните проблеми, тогаш би сакал уште еднаш да го дадам следното предупредување: Не е можно такво нешто. Не можете да направите ваков чекор, бидејќи светот денеска претставува една целина. Доколку во рамките на таа целина дејствувате како 'Јас можам да правам што сакам', тогаш не ќе можете да ги игнорирате проблемите што ќе настанат во регионот“, истакна претседателот на Турција, Ердоган.