Laura Gamba Fadul
17 Декември 2022•Ажурирај: 19 Декември 2022
БОГОТА (АА) - Политичката криза во Перу од средата досега остави на цедило 5.000 туристи во Куско, капијата на цитаделата на Инките во Мачу Пикчу, известува Агенција Анадолија (АА).
„Загрижени сме бидејќи има туристи, деца и старци, кои пешачат од Мачу Пикчу. Пешачењето не трае два часа, трае од 8 до 10 часа“, изјави градоначалникот на Мачу Пикчу, Дарвин Бака.
Бака од Владата побара хуманитарна поддршка со хеликоптери за транспорт на туристите.
Куско интернационал, третиот најголем аеродром во земјата, затворен е од понеделникот, кога демонстрантите се обидоа да упаднат на терминалот. Возовите кон и од Мачу Пикчу се запрени во вторникот.
Бројката на загинати на протестите низ Перу предизвикани по разрешувањето на поранешниот претседател Педро Кастиљо изнесува 18.
Патиштата и железничките линии се блокирани со камења, трупци и запалени гуми, а аеродромите се затворени, што им оневозможува на туристите да ја напуштат земјата.
Перуанската Влада прогласи вонредна состојба во времетраење од 30 дена низ целата земја поради насилствата и протестите до кои дојде по разрешувањето на Кастиљо и неговото приведување на 7 декември.
Демонстрантите бараат оставка од новоизбраната претседателка Дина Болуарте, распуштање на Конгресот, нови избори и итно ослободување на Кастиљо. Повиците стануваат сè погласни откако Врховниот суд на Перу го осуди Кастиљо на 18 месеци превентивен затвор поради „злоупотреба на положбата, предизвикување нереди и завера“.