Muhammet Kurşun
28 Јуни 2021•Ажурирај: 29 Јуни 2021
ТЕХЕРАН (АА) - Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Саид Хатибзаде, истакна дека воздушниот напад на Соединетите Американски Држави (САД) врз милициските групи поддржани од Иран на ирачко-сириската граница го дестабилизира регионот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Хатибзаде на неделната прес-конференција во главниот град Техеран се осврна на воздушниот напад извршен од САД врз објектите што ги користат милициските групи поддржани од Иран во пограничниот регион Ирак - Сирија.
Хатибзаде, истакнувајќи дека новата американска администрација ги следи политиките на претходната администрација на Доналд Трамп, рече дека тие политики не се само во врска со санкциите кон Иран, туку и за други прашања во регионот.
„Новата администрација на САД треба да ги поправи погрешните чекори во однос на емоционалните однесувања и однесувањата што предизвикуваат криза, напнатост и неволја за луѓето од регионот. Оставете ги луѓето од регионот да одлучат за својата судбина без ваша интервенција. Тоа што го прават САД дефинитивно го дестабилизира регионот. Една од жртвите на нестабилноста ќе бидат самите тие“, нагласи Хатибзаде.
Хатибзаде исто така рече дека Иран ги донел потребните одлуки во врска со состаноците во Виена и дека сега се чека на одлуките од другата страна.
Наведувајќи дека разговарале со сите страни во врска со случувањата во Авганистан, Хатибзаде изјави:
„Талибанците не го претставуваат цел Авганистан, но тие се еден од деловите на решението за излез од кризата. Во оваа земја со мирни средства треба да се формира широка влада во која ќе бидат вклучени сите групи.“
Во писмената изјава од Пентагон беше соопштено дека американските воени сили по наредба на претседателот Џо Бајден извршиле воздушни напади врз објектите што ги користеле милициските групи поддржани од Иран во пограничниот регион Ирак - Сирија.
Во изјавата се нагласува дека нападот е извршен за да се заштити персоналот на САД: „Со вечерашните воздушни напади се потврдува дека претседателот Бајден јасно стави до знаење дека секогаш ќе презема мерки за заштита на американскиот персонал.“
Во Ирак, милитантната група „Кетаиб Сејид ал-Шухеда“ поврзана со „Хашди ал-Шааби“ соопшти дека 4 нејзини членови се убиени во нападот на САД на границата Ирак - Сирија.