Ahmet Dursun
29 Мај 2018•Ажурирај: 29 Мај 2018
ТЕХЕРАН (АА) - Студентите на заедничкиот ифтар во Техеран, пред верскиот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, изнесоа остри критики на сметка на властите на Иран, а тој истакна дека е свесен за ситуацијата во земјата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Ајатолах Хамнеи синоќа во Техеран имаше ифтар со студенти, чиј претставник Сехер Михраби, привлече големо внимание на јавноста со начинот на кој им се обрати на присутните.
Локалните медиуми јавуваат дека Михраби ги критикуваше највисоките институции контролирани од страна на ајатолахот Хамнеи и истакна дека Иран се наоѓа во многу тешка економска криза.
„Систематската нееднаквост помеѓу слоевите во општеството, падот на моралните вредности, кризата во заштитата на животната средина, дискриминацијата на малцинствата и невработеноста, се само дел од проблемите кои ја загрозуваат социјалната солидарност во земјата“, рече Михраби.
Тој ги критикуваше и судските и безбедносните институции на Иран и кажа дека иранските судови го слабеат националниот суверенитет, мешајќи се со вонсудските работи.
„Слободата на мислењето во Иран е, исто така, под голем притисок“, истакна Михраби.
По неговото обраќање очите на присутните беа насочени во директно прозваниот верски лидер Хамнеи, а тој рече дека прифаќа многу недостатоци на кои укажа претставникот на студентите.
„Не можам да ги потврдам зборовите и оценката дека ситуацијата во Иран е катастрофално лоша, но ги потврдувам чувствата на студентот кој го изнесе тоа. Информиран сум за проблемите во општеството и правецот во кој оди државата“, рече ајатолахот Хамнеи.