Barış Seçkin
30 Август 2020•Ажурирај: 02 Септември 2020
РИМ (АА) – Шест лица се пријавени за исчезнати поради пожар на чамец со мигранти кој се приближувал кон југот на Италија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Италијанската новинска агенција „АНСА“ соопшти дека екипите на крајбрежната стража и финансиската полиција интервенирале на чамецот со околу 20 мигранти, кој одеднаш се запалил покрај градот Кротоне на југот на земјата.
Наведено е дека пламенот во чамецот е предизвикан од експлозија на резервоарот за гориво, а според првичниот увид исчезнале шест мигранти, а повредени се и двајца членови на крајбрежната стража кои се обиделе да ги пренесат мигрантите на бродовите.
Активностите за потрага и спасување во регионот продолжуваат. Сè уште нема информации за тоа дали има жртви во инцидентот.
- Приливот на мигранти продолжува кон Лампедуза -
Според други информации во италијанските медиуми, околу 450 нерегуларни мигранти синоќа стигнале до островот Лампедуза, најблискиот италијански остров до Африка.
Градоначалникот на Лампедуза, Салваторе Мартело, истакна дека на островот има над 1.500 мигранти и дека тие се наоѓаат во тешка состојба. Тој рече дека оваа состојба не може да продолжи на овој начин.
Критикувајќи ја Владата, Марчело рече дека размислуваат да започнат генерален штрајк поради состојбата во која се наоѓаат.
Во меѓувреме, стигна одговор од Италија за повиците за помош за спасените 219 мигранти од бродот „Луиз Мишел (Louise Michel)“.
Во соопштението дадено од Командата на италијанската крајбрежна стража истакнато е дека 49 лица, од кои 32 жени и 13 деца, биле пренесени во Лампедуза со брод на крајбрежната стража.