Burak Bir
15 Август 2019•Ажурирај: 18 Август 2019
РИМ (АА) - Италијанскиот десничарски министер за внатрешни работи денеска повторно рече дека нема да обезбеди пристаниште за бродот со мигранти спасени од невладината организација, јавува Anadolu Agency (AA).
Одбивањето наметна поголема неизвесност за бродот „Проактива опен армс“ во сопственост на истоимената шпанска невладина организација, кој спаси речиси 150 мигранти, и веќе две недели чека во Средоземното Море за добивање дозвола за влез во некое пристаниште.
Матео Салвини, заменик-премиерот и министер за внатрешни работи, се спротивстави вчера на одлуката на италијанскиот регионален суд за укинување на забраната за влез на бродот во италијанските територијални води.
„Мојот одговор е не, не и не“, рече Салвини вчера на состанокот во Ла Специја како одговор на пресудата на судот.
Но министерката за одбрана, Елизабета Трента, се спротивстави на изјавата на Салвини, велејќи: „Никогаш не треба да ги забораваме децата и младите луѓе што во денешно време страдаат од секаков вид насилство и злоупотреба.“
Поради различните ставови се појавија наслови во италијанскиот печат како „Борба со рака меѓу Салвини и судот“ и „Министерот за одбрана не ја потпишува забраната на Салвини“.
„Проактива опен армс“ спаси речиси 150 мигранти на почетокот на август.
Според Меѓународната организација за миграции (IOM), над 39.000 нерегуларни мигранти и бегалци стигнаа до Европа по морски пат од почетокот на 2019 година, додека 840 од нив го загубија животот на море.
Во периодот помеѓу 2014 и 2018 година во текот на опасното патување до брегот на Европа животот го загубиле над 30.500 мигранти.