Beyza Binnur Dönmez
02 Февруари 2024•Ажурирај: 04 Февруари 2024
ЖЕНЕВА (АА) - УНИЦЕФ денес соопшти дека поради масакрите од секојдневните напади во Газа и вителот на војната, десетици илјади малолетници се без придружба или се одвоени од нивните семејства, јавува Анадолу.
„Нашите проценки покажуваат дека 17.000 деца во Газа се без придружба или се одвоени од своите семејства“, изјави Џонатан Крикс, главен портпарол на УНИЦЕФ во државата Палестина, на брифингот на Обединетите нации во Женева.
„Овие деца немаат никаква врска со овој конфликт, но тие страдаат“, нагласи Крикс.
Тој, исто така, истакна дека по речиси четири месеци немилосрдни напади, се смета дека на сите деца во енклавата им е потребна поддршка во однос на менталното здравје.
„Пред почетокот на војната на 7 октомври, 500.000 деца веќе имаа потреба од помош во однос на менталното здравје, но денес на сите, повеќе од 1 милион деца, им е потребна помош“, додаде тој.
Израел во октомври минатата година започна смртоносна офанзива врз Појасот Газа, во која досега загинаа најмалку 27.131 Палестинец, а повредени се 66.289. Израелските напади уследија по нападот на палестинската група Хамас во кој се смета дека се загинати 1.200 Израелци.
Израелската офанзива остави 85 отсто од населението во Газа внатрешно раселено, сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови, и 60 отсто од инфраструктурата на енклавата оштетена или уништена, според Обединетите нации.