Zeynep Rakipoğlu
19 Април 2018•Ажурирај: 19 Април 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Меѓународната организација „Лекари без граници“ отвори нова болница за араканските муслимани кои спас од насилството пронајдоа во соседен Бангладеш, јавува Anadolu Agency (AA).
„Болницата на брдото“, именувана поради својата локација на едно брдо во околината на Кокс Базар, е отворена во кампот „Кутупалонг-Балукхаи“. Процесот на изградба започна во февруари, а завршена е за два месеца. Болницата со 100 кревети е изградена со цел пружање медицинска помош на илјадници аракански муслимани (Рохинџа) кои се наоѓаат во Бангладеш.
Со доаѓањето на сезоната на монсунски дождови, пружањето на здравствени услуги е отежнато во камповите кои не се адекватно опремени за ваков вид на услуга. Поради тоа беше потребен полу-траен објект со бетонски под и метална заштита.
Во болницата има оддел за итна помош, за интензивна нега, лаборатории, простории за спиење за деца и возрасни, породилно одделение и интензивен терапевтски центар за исхрана. Во болницата ќе работат „Лекари без граници“, а ќе се дава и терапија за жртви на сексуално насилство. Болницата ќе биде со капацитет да им помага на луѓето заболени со колера и хепатитис Е, кои се честа појава во камповите.
Франческо Сегони, координаторот на „Лекари без граници“ во Кокс Базар, потврди дека во болницата ќе бидат лекувани и лица заболени од дијабетес, хипертензија, хронични опструктивни белодробни заболувања и астма, кои се најчести причинители на смртност кај возрасните лица.
Араканските муслимани веќе со години се најзагрозена етничка заедница во светот, а од минатата година се соочуваат со нов бран насилства во мјанмарскиот регион Аракан.
Под изговор за борба против милитантните групи, мјанмарската војска разруши неколку стотини муслимански села, од кои најмалку 750.000 жители беа принудени да избегаат во соседен Бангладеш.
Според официјалните податоци, во Аракан во 1970-тите години живееле околу два милиони муслимани, а во моментов во тој регион има помалку од 300.000.
Обединетите нации и другите меѓународни организации, предупредуваат дека насилството над араканските муслимани има елементи на етничко чистење, па дури и елементи на геноцид.