Enes Canlı
21 Април 2020•Ажурирај: 21 Април 2020
АНКАРА
Компании на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), не почитувајќи ја одлуката за ембарго на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН), однеле 11 илјади тони авионско гориво за милициите поврзани со Калифа Хафтар, водачот на илегалните вооружени сили на истокот на Либија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во веста на британски „Фајненшал тајмс“ се наведува дека Владата за национално единство во Либија (УМХ), признаена од Обединетите нации, спровела истражување за тоа кој стои зад танкерот „Gulf Petroleum 4“ со либериско знаме, што го зазедоа во близина на Мисрата кон крајот на минатиот месец.
Според документите до кои дојде весникот, силите на УМХ дознале дека компаниите на ОАЕ минатиот месец испратиле 11 илјади тони авионско гориво до градот Бенгази, кој се наоѓа под контрола на милицијата на Хафтар.
Специјалната претставничка на ОН за Либија, Стефани Вилијамс, во изјавата за весникот рече дека ОН го сметаат авионското гориво за „воен материјал“ и дека ова може да се смета за повреда на одлуката на ОН за ембарго на оружје за Либија.
Забележувајќи дека официјалниот снабдувач на нафта во Либија, либиската Национална нафтена институција, обезбедила авионско гориво за комерцијални летови на истокот на земјата, Вилијамс рече дека нелегалниот увоз најверојатно ќе го користат „воздушните сили поврзани со Хафтар“.
Говорејќи за весникот, официјалните лица на ОН и покрај тоа што истакнуваат дека компаниите се регистрирани во Обединетите Арапски Емирати и дека горивото е натоварено таму, одбија да ги именуваат компаниите.
Истрагата на Обединетите нации (ОН) за компаниите, поединците и исплатата на овој превоз, кој чини 5 милиони долари, продолжува.
- Тешко е да се пронајде трагата на компаниите
Според документите до кои дојде весникот, компанијата по име „Африфин“, која е снабдувач на горивото, е поврзана со Обединетите Арапски Емирати, додека танкерот „MT Gulf Petroleum 4“ со либериско знаме, со кој се превезува горивото, припаѓа на фирмата „Gulf“.
Во веста исто така се посочува дека компаниите немаат интернет-страници и телефонски броеви и дека испораката е стигната во Бенгази на 16 март.
Според документите, нарачателот на авионското гориво во Либија е авиокомпанијата „Либијан експрес“, која исто така управува со авиони за брза помош. Тие за весникот изјавија дека немаат активности во Бенгази, каде што е испорачано горивото, и дека не знаат за таа испорака.
- Изјава од либиската Национална нафтена институција
Либиската Национална нафтена организација во изјава за весникот истакна дека увозот на авионското гориво не може да се објасни дека е за цивилна употреба. Тие исто така посочија дека иако авионскиот превоз е намален поради конфликтите во земјата, тие обезбедиле 73 илјади тони авионско гориво за истокот на земјата.
Укажувајќи дека тие се единствената институција одговорна за увоз на нафта во земјата, истакнаа дека своите потреби за авионско гориво ги исполнуваат од своите рафинерии и дека во последните години „апсолутно немаат недостаток на авионско гориво“.
Администрацијата на Абу Даби, која води деструктивни политики во регионот, е еден од најзначајните поддржувачи на Хафтар, на финансиско, воено и политичко поле. Се откри дека Емиратите, со ветување дека ќе работат во безбедносни компании во Либија, однеле многу лица како платени војници.
- Извештајот на СИПРИ (SIPRI)
Според извештајот на Меѓународниот институт за истражување на мирот во Стокхолм (SIPRI), што го опфаќа периодот од 2015 до 2019 година, Обединетите Арапски Емирати се една од најистакнатите земји во трансферот на оружје и опрема за Хафтар.
Во извештајот се наведува дека Обединетите Арапски Емирати, кои им обезбедија на силите на Хафтар голем број вооружени беспилотни летала (SİHA), исто така купиле борбени хеликоптери од Белорусија и им ги предале на милициите на Хафтар во Либија.
Откако не успеа договорот помеѓу страните за прекин на огнот, Обединетите Арапски Емирати испратија стотици воени товарни авиони за зајакнување на милициите на Хафтар.
Исто така по рекордниот пад на цените на енергенсите низ целиот свет, се дебатира за тоа дали Обединетите Арапски Емирати, кои имаат економија заснована на извоз на нафта, ќе продолжат со финансиската поддршка на милициите на Хафтар.