Esat Fırat
19 Март 2021•Ажурирај: 20 Март 2021
КУДС (АА) - Најмалку 30.000 луѓе присуствуваа на петочната молитва (џума намаз) во комплексот на Џамијата „Ал Акса“ во источен Кудс (Ерусалим), потврди Управата на исламски вакафи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Израелската полиција на влезот во Стариот Град го проверуваше идентитетот на верниците кои влегуваа во „Ал Акса“. Повремено доаѓаше до тензии меѓу израелската полиција и Палестинците кои израелската полиција ги враќаше.
Хутбата ја одржа муфтијата Мухамед Хусеин кој изрази сочувство по повод смртта на познатиот исламски научник, шејхот Мухамед Али ес Сабуни.
Тој говореше и за ситуацијата на Палестинците во населбите Џерах и Силвана во источен Кудс, на кои Израел им се заканува со деложација.
Реагирајќи на израелската практика на протерување на Палестинците од нивните домови во корист на еврејските доселеници, Хусеин ги повика Палестинците на трпелива борба.
За муслиманите, „Ал Акса“ претставува третото најважно светилиште, а од друга страна, Евреите сметаат дека на тоа место некогаш постоеле два еврејски храма.
Комплексот „Ал Акса“, кој се простира на 15 проценти од површината на старото јадро на Кудс, се наоѓа под израелска окупација, и претставува точка на спојување на трите најголеми религии во светот.
По „Месџид-л Харем“ во Мека и Џамијата на Пратеникот [Мухамед] во Медина, „Ал Акса“ е третото најважно место за муслиманите.