Islam Uddin
19 Март 2021•Ажурирај: 19 Март 2021
АНКАРА (АА) - Австралија ќе продолжи со употребата на вакцината против коронавирусот на „АстраЗенека“, соопшти денес регулаторното тело на Австралија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Австралиската управа за лекови (TGA) соопшти дека не се примени никакви извештаи за згрутчување на крвта по администрирањето на вакцината на „АстраЗенека“ во Австралија.
„Ги советуваме луѓето да продолжат со примањето на вакцината на АстраЗенека“, додаваат од Управата.
Употребата на вакцината претходно е запрена во неколку европски земји поради извештаите за појава на тромб по примањето на таа вакцина.
Глобалните агенции, меѓу кои и Светската здравствена организација (СЗО), беа против таквата одлука, наведувајќи дека вакцината е безбедна, и дека придобивките се поголеми од ризикот.
По повторната проверка на Европската агенција за лекови (ЕМА), Италија, Франција и Шпанија најавија дека ќе продолжат со употребата на вакцината.
„Управата за терапевтска стока продолжува внимателно да ја следи безбедноста на вакцината на АстраЗенека и со произведувачот ќе работи на ажурирање на информациите за производот. Доколку се појави загриженост во врска со безбедноста на вакцината, брзо ќе преземеме мерки и веднаш ќе ја известиме јавноста за тоа“, се наведува во соопштението.
Регулаторното тело на Австралија укажа на прелиминарните извештаи на Европската агенција за лекови (EMA) и Регулаторната агенција за лекови и здравствени производи (MHRA).
„Тие извештаи укажаа дека придобивките од вакцината се поголеми од ризикот и дека вакцината не е поврзана со зголемувањето на ризикот од крвните згрутчувања“, се наведува во соопштението.