Elena Teslova
13 Мај 2026•Ажурирај: 13 Мај 2026
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денес ја обвини администрацијата на Трамп за обид за „узурпирање“ на влијанието врз глобалниот пазар на енергија, јавува Анадолу.
Лавров рече дека целта на Вашингтон е да ги принуди руските енергетски компании како што се Лукоил и Роснефт да се повлечат од меѓународните пазари како дел од пошироката стратегија за контрола на глобалните енергетски текови.
„Соединетите Американски Држави усвоија низа доктринарни документи, од кои еден вели дека САД мора да доминираат на глобалните енергетски пазари“, рече тој во интервју за јавниот сервис „РТ Индија“. „Значи, нивната цел е сосема јасна: тие сакаат да ја стават под своја контрола секоја значајна рута за снабдување со енергенти.“
„Како дел од оваа стратегија, Вашингтон бара контрола врз клучните транзитни рути за енергија, вклучувајќи ги оштетените цевководи 'Северен тек' и инфраструктурата за транзит на гас низ Украина“, вели тој.
„Плановите на Вашингтон, исто така, вклучувале и обликување на идните европски цени на енергенти и договори за снабдување“, тврди Лавров.
Тој наведува дека ако цевководите на „Северен тек“ повторно се користат, цените на енергијата во Европа повеќе нема да се одредуваат преку договори меѓу Русија и Германија, туку од страна на САД, за кои, според него, бараат поголема контрола врз европската енергетска инфраструктура и снабдување.
„Тие сакаат да го купат за приближно една десетина од она што Европејците го платија“, рече тој.
Лавров истакна дека Москва ги поздравува контактите иницирани од Трамп и посочи дека комуникациските канали меѓу двете земји остануваат активни, како и меѓу руското Министерство за надворешни работи и американскиот Стејт департмент.
„Сепак, ништо не се случува во реалниот живот. Освен овој редовен дијалог - што е нормално во односите меѓу луѓето и земјите - сè друго го следи моделот инициран од претседателот (Џо) Бајден“, рече тој.
Лавров истакна дека санкциите воведени за време на претходната американска администрација остануваат на сила и дека оттогаш се усвоени дополнителни мерки насочени кон руската економија.
Коментирајќи ги тензиите во Ормускиот Теснец, Лавров предупреди дека нестабилноста околу главните поморски трговски патишта може сериозно да влијае на глобалните енергетски пазари.
„Европа веројатно ќе биде погодена повеќе од кој било друг од кризата во Ормускиот Теснец. Освен тоа, забраните за увоз на руски гас и нафта значат префрлање на американски течен природен гас, кој е многу поскап“, рече тој.
„Гасоводот 'Северен тек' е дигнат во воздух. Сега сме сведоци на агресија во Ормускиот Теснец. Се шпекулира дека и теснецот Баб-ел-Мандеб би можел да стане зона на конфронтација, а штетата што ќе настане врз глобалните енергетски пазари би била немерлива“, предупреди рускиот министер.