George Albert Bernard
31 Мај 2022•Ажурирај: 01 Јуни 2022
БРИСЕЛ (АА) - Лидерите на Европската унија синоќа постигнаа договор за намалување на 90 отсто од увозот на руска нафта и изземање на сировата нафта што преку нафтовод се транспортира во Унгарија, објави претседателот на Европската комисија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Многу ми е драго што лидерите можеа начелно да се договорат за шестиот пакет санкции“, изјави за новинарите Урсула фон дер Лајен по првиот ден од самитот на ЕУ.
Според заклучоците од самитот, лидерите на ЕУ се согласија „дека шестиот пакет санкции против Русија ќе ја опфати сировата нафта, како и нафтените деривати испорачани од Русија во земјите-членки, со привремен исклучок за сировата нафта испорачана преку нафтовод“.
Како што објасни Фон дер Лајен, амбасадорите на ЕУ ќе можат „да ја финализираат забраната за речиси 90 отсто од целиот увоз на руска нафта до крајот на годината“ со договор за техничките детали подоцна оваа недела.
Ембаргото ќе ја покрие нафтата преку море и делумно ќе ја ослободи нафтата од нафтоводот, рече таа, додавајќи дека ќе разговараат за деталите за изземената нафта во наредните месеци.
Договорот и дава важна отстапка на Унгарија, која се спротивставува на ембаргото за нафта, со изземање на нафтата што се транспортира со нафтоводот Јужна Дружба, рече таа.
Во меѓувреме, Полска и Германија, кои се снабдуваат од северниот крак на нафтоводот Дружба, ветија дека „ќе ја намалат руската нафта до крајот на годината“, како што другите ќе прават со нафтата преку море, додаде Фон дер Лајен.
Во видео објавено на Фејсбук, унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави: „Успеавме да го потиснеме најстрашниот предлог на Европската комисија за намалување на руската нафта.“
Тој рече дека неговата земја ќе може да ги задржи цените на бензинот ниски во услови на растечка светска економска криза поради договорот за изземање на нафтата што се транспортира преку нафтоводот.
Осврнувајќи се на поделбите меѓу земјите-членки на ЕУ и застојот на преговорите за ембаргото за нафта, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел рече дека договорот на лидерите испратил „многу силен сигнал“ дека на ЕУ не и недостасува единство и „ние сме способни да бидеме цврсти бранејќи ги нашите вредности“.
Како дел од шестиот пакет санкции, ЕУ, исто така, ќе ја исклучи најголемата руска банка, Сбербанк, од меѓународниот платен систем SWIFT, како и забрана за уште три руски државни радиодифузери во ЕУ.
Фон дер Лајен, исто така, потврди дека лидерите на ЕУ се согласиле да доделат 9 милијарди евра макрофинансиска помош за Украина, покрај финансиската поддршка од другите меѓународни партнери.
Заклучокот на самитот, исто така, ја осуди руската воена агресија врз Украина и ја повика Русија „веднаш да ги прекине своите неселективни напади врз цивилите и цивилната инфраструктура и веднаш и безусловно да ги повлече“ своите сили.
„Нема зборови со кои може да се опишат злосторствата што ги вршат руските сили и страдањето и уништувањата што се нанесуваат во Украина“, се истакнува во заклучокот.