Ekip
12 Декември 2022•Ажурирај: 13 Декември 2022
РИМ - Маж кој во неделата пукаше на жителите на една населба во Рим за време на состанок во локално кафуле, уби три жени, меѓу кои е и пријателка на премиерката на Италија Џорџа Мелони, соопштија италијанските власти, известува Агенција Анадолија (АА).
Напаѓачот (57) е приведен од страна на полицијата, кој бил разоружан од стана на останатите лица кои присуствувале на состанокот на жителите на римската населба Фидена.
По веста за истрели од огнено оружје и потврдата дека се убиени три жени, а неколку други лица се ранети, премиерката Мелони на својот профил на социјалната мрежа Инстаграм објави фотографија со пријателката Николет Голисано, една од трите жртви.
„Секогаш ќе те памтам вака убава и среќна. Не е во ред вака да се умре“, напиша Мелони.
Очевидците на италијанските медиуми во неделата им раскажаа дека напаѓачот претходно бил вмешан во низа насилни спорови со станбениот одбор на населбата Фидена. Покрај тоа, напаѓачот претходно бил пријавуван поради закана кон други жители.
„Влезе во собата, ја затвори вратата и извикна ‘сите ќе ве убијам’, а потоа почна да пука“, рече еден од очевидците за италијанската новинска агенција Анса.
Роберто Гуалтиери, градоначалникот на Рим свика итен безбедносен состанок за понеделник откако ја осуди „тешката епизода на насилство што го потресе градот“.