Emel Gözellik,Zehra Ulucak
06 Февруари 2020•Ажурирај: 06 Февруари 2020
АНКАРА (AA) - Коронавирусот е потврден кај најмалку 20 патници на бродот што пред два дена е ставен во карантин во Јапонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„На патничкиот брод, што во вторникот е усидрен во пристаништето „Јокохама“ и е ставен во карантин, од вкупно 3.700 патници кај најмалку 20 лица е потврдена зараза со коронавирусот“, јави јапонската новинска агенција „Кјодо“ (Kyodo).
Функционерите потврдија дека вирусот е откриен кај уште четири Јапонци, двајца Американци и двајца Канаѓани и кај еден државјанин на Тајван и еден на Нов Зеланд, со што бројот на заразените на бродот е зголемен на 20. Станува збор за лица што се на возраст помеѓу 50 и 70 години, коишто ќе бидат префлени во болница.
Јапонскиот министер за здравство, Катсунобу Като, вчера потврди дека од споменатиот брод поради коронавирусот веќе се хоспитализирани 10 лица.
Националната здравствена комисија на Кина (NHC) соопшти дека во изминатите 24 часа починале 73 заразени лица, со што бројот на починати од опасниот вирус во таа земја се зголеми на 564.
Во соопштението се наведува дека досега е потврдено заразување со вирусот 2019-nCoV кај вкупно 28.018 пациенти, додека под надзор се наоѓаат 186.354 лица за кои се сомнева дека го носат опасниот вирус.
Од Комисијата исто така соопштија дека во изминатите 24 часа заразата со вирусот е потврдена кај 3.694 пациенти.
Коронавирусот на почетокот на годината се појави и брзо се прошири во кинескиот град Вухан, а случаи со зараза се потврдени во повеќе од 20 земји низ светот.
Светската здравствена организација (СЗО) прогласи состојба на глобална опасност, а голем број авиокомпании ги запреа летовите кон Кина.