Turgut Alp Boyraz
23 Октомври 2017•Ажурирај: 24 Октомври 2017
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелската полиција приведе Палестинец откако тој во една објава на „Facebook“ (Фејсбук) на арапски напишал „добро утро“, што било погрешно преведено како „напаѓај ги нив“ од страна на истата социјална мрежа, јавува Anadolu Agency (AA).
Според вестите на локалните медиуми, Палестинецот кој работи на градилиште во илегалната еврејска населба Беитар Илит, на окупираниот Западен Брег, на социјалните мрежни споделил фотографија од работното место. Под фотографијата направена пред еден булдожер, тој на арапски напишал „добро утро“.
Израелската полиција ја забележала фотографијата, а поради тоа што не разбирале арапски, го употребиле автоматскиот преведувач на „Facebook“, кој оваа објава ја превел како „напаѓај ги нив“ на англиски, и „повреди ги нив“ на хебрејски јазик.
По ова, младот Палестинец бил приведен од страна на израелската полиција и пренесен во полициска станица. Откако откриле дека се работи за погрешен превод на објавата, младиот Палестинец е пуштен на слобода.
Овој акт на израелската полиција предизвика критики во локалните медиуми.
Новинскиот портал „Times of Israel“ (Тајмс оф Израел) објави дека надлежен од канцеларијата на портпаролот на израелската полиција го потврдил овој случај. Според веста, младиот Палестинец е приведен под сомнение за провокација, и е ослободен откако случајот бил разјаснет.
Инаку, израелската полиција спроведува кампања за приведување на Палестинците поради нивните објави на социјалните мрежи. Полицијата оформи специјална единица за следење на објавите на Палестинците на социјалните мрежи и приведува голем број лица поради нивните објави.
Претседателот на Високиот исламски совет на Палестина и поранешен муфтија на Ерусалим, Екрима Сабри, на една петочна хутба (муслиманска петочна проповед) во 2014 година во џамијата Ал Акса, истакна дека израелската полиција ги приведува Палестинците поради нивните објави на „Facebook“, и упати апел да се внимава за на Израел да не му се даде ваква можност.