18 Февруари 2020•Ажурирај: 19 Февруари 2020
ЈОКОХАМА (АА) - Уште 99 лица на крузерот „Дајмонд принцес“ се позитивни на коронавирусот, со што бројот на заразени е зголемен на 454, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На крузерот се наоѓаат околу 3.700 лица, а усидрен е откако беше утврдено дека еден од патниците од Хонгконг е заразен со коронавирусот. Крузерот е во карантин кај јапонскиот брег веќе 14 дена.
Во меѓувреме, расте загриженоста поради можното заразување меѓу патниците од другиот брод за крстарење што се усидри во Камбоџа минатата недела.
Со новиот тип коронавирус, Ковид-19, откриен во Вухан, Кина, заразени се над 73.000 лица низ светот, покажуваат податоците на здравствените установи.
Вирусот се прошири во 26 земји надвор од Кина. Како последица на заразата со новиот коронавирус во Кина починаа 1.869 лица, соопшти Националната комисија за здравје денес. Смртни случаи надвор од Кина се забележани во Франција, Јапонија, Филипини и Тајван.
Според последните официјални податоци, досега вирусот е потврден кај 72.436 лица, а во последните 24 часа починале 98 лица, додека регистрирани се 1.886 нови случаи на зараза.
Во посебните административни региони Хонгконг и Макао се заразени 60, односно десет лица. Под медицински надзор се наоѓаат 141.552 лица и тој број е намален.
Коронавирусот, односно болеста предизвикана со новиот коронавирус Ковид-19, е пренесен од животни на човек, посебно од лилјаците.
Ковид-19 се прошири во повеќе од 20 држави, меѓу кои САД, Велика Британија, Сингапур, Франција, Русија, Шпанија и Индија.
Многу земји, вклучувајќи ја и Турција, ги евакуираа своите државјани од Вухан - епицентарот на ширењето на вирусот - и од другите погодени подрачја во Кина, ставајќи ги во карантин и под надзор.
Светската здравствена организација (СЗО) прогласи меѓународна здравствена вонредна состојба.