Umur Koçak Semiz
02 Јуни 2017•Ажурирај: 03 Јуни 2017
ЗАМБОАНГА (АА) - Синоќа, во Манила, главниот град на Филипините, беше извршен напад врз еден хотел во кој биле сместени туристи. Во нападот животот го загубија 35 лица, а се дознава дека напаѓачот извршил самоубиство, јавува Anadolu Agency (AA).
Претставник на противпожарната служба изјави дека е згаснат пожарот што вооружениот напаѓач го предизвикал во хотелот „Ресортс ворлд Манила“. Тој истакна дека се пронајдени телата на 35 лица, од кои поголемиот дел биле во речиси јагленисана состојба.
Телото на напаѓачот е пронајдено во една од собите на петтиот кат од хотелот. Сѐ уште не е познат неговиот идентитет, но се претпоставува дека напаѓачот се самозапалил. Во хотелската соба се пронајдени и пушка, пиштол и муниција.
Роналд Дела Роса, висок претставник на безбедносните сили на Манила, соопшти дека во нападот се ранети околу 70 лица.
Дела Роса изјави дека меѓу повредените има и еден припадник на безбедносната служба кој во настанатата конфузна ситуација истрелал од своето оружје, при што се самоповредил. Чадот предизвикан од пожарот влијаел врз поголемиот дел од повредените во хотелот.
Дела Роса изјави дека според Службата за следење на интернет-безбедноста (SITE Intelligence Group), со седиште во САД, која ги следи информациите споделени од терористичките организации во целиот свет, нападот го извршила една организација која е поврзана со ДЕАШ, но засега не е пронајден ниту еден доказ којшто би посочил на тоа дека настанот претставува терористички напад.
„Претпоставуваме дека напаѓачот дошол во хотелот со цел да изврши грабеж. Тој својот ранец го наполнил со жетони коишто ги зел од коцкарницата во хотелот. Во ранецот се пронајдени жетони во противредност од 113 милиони пезоси (околу 226.000 долари). Бензинот што го имал понесено со себе го истурил на масите од казиното и ги запалил. Пукал во мониторите, но никого не повредил”, рече Дела Роса.
По нападот, на највисоко, „црвено” ниво е подигната безбедноста на меѓународниот аеродром „Ниној Акино“, која се наоѓа во близина на хотелот.
Еден од вработените на „Ресортс ворлд Манила“, комплекс којшто се протега на голема површина и се состои од четири хотели, коцкарница, кино-сала и сала за презентации, за една локална радиостаница соопшти дека напаѓачот чие лице било прекриено со шал, при што му се гледале само очите, ги запалил масите во коцкарницата.
Овој напад предизвика реакции и во целиот свет.
Прв реакција на нападот упати претседателот на САД, Доналд Трамп, изразувајќи сочувство на граѓаните на Филипини.
Службата за следење на интернет-безбедноста соопшти дека според изворот кој ги известува за случувањата во градот Марави, во јужниот дел на Филипините, одговорни за овој напад се „воините – волци самотници“, кои се поврзани со ДЕАШ.