Mesut Zeyrek
25 Март 2018•Ажурирај: 26 Март 2018
КЕЛН (AA) - Напад со молотов коктел е извршен врз џамија во градот Касел, во германската сојузна покраина Хесен, јавува Anadolu Agency (AA).
Како резултат на нападот извршен вчера околу 4.30 часот врз џамијата „Јунус Емре“, во рамките на Културниот центар „Мухсин Јазиџиоглу“ во Касел, при Европската турска унија (ATB), настаната е материјална штета во џамијата.
На видеоснимките од безбедносните камери се забележува дека нападот е извршен од страна на четири лица. Како резултат на нападот, неколку прозорци на џамијата се искршени, дел од рамките запалени, и е настаната штета на ѕидовите од објектот.
Претседателот на Културниот центар, Мустафа Коч, истакна дека сакаат што побрзо да бидат фатени сторителите на овој напад кои се гледаат и на видеоснимките доставени до полицијата.
„Продолжувањето на ваквите напади ја зголемува нашата загриженост. Очекуваме од надлежните итно да преземат мерки против ваквите настани чии сторители се непознати, коишто веќе достигнаа срамно ниво за Германија. Упатуваме апел до целата турска заедница да постапува разумно и да не потпаѓа на провокациите предизвикани со овие напади“, рече Коч.
Од почетокот на годината досега се регистрирани 38 различни напади врз џамии во Германија, вклучувајќи го и последниот напад. Се вели дека оваа бројка е уште поголема поради нападите што не се регистрирани.