Ömer Tuğrul Çam
30 Ноември 2021•Ажурирај: 01 Декември 2021
РИГА
НАТО и администрација на САД уште еднаш предупредија дека доколку Русија употреби сила против Украина, тоа ќе има „сериозни последици и цена“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министрите за надворешни работи на земјите од НАТО се собраа во Рига, главниот град на Латвија, за да разговараат за имиграциското прашање на границата на Полска и за военото распоредување на Русија главно на украинската граница.
Пред состанокот, на кој Турција ќе биде претставена од министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја предупредија Русија да не користи сила против Украина.
Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, во изјавата пред започнувањето на состанокот, потсетувајќи на нелегалната анексија на Крим во 2014 година, рече: „Ако Русија повторно употреби сила против Украина, тоа ќе има голема цена.“
Запрашан што сака да каже со зборовите ‘голема цена‘, Столтенберг рече: „Имаме неколку опции. Претходно воведовме економски и политички санкции. За да можат сите наши сојузници целосно да се бранат против секоја руска агресија, го зголемивме нашето присуство во регионот на Балтикот и во регионот на Црното Море.“
- Блинкен: „Новата агресија ќе има сериозни последици“
Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, пред состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО исто така ја предупреди Русија.
Блинкен по средбата со министерот за надворешни работи на Латвија, Едгарс Ринкевич, нагласи дека се загрижени за активноста на Русија на украинската граница.
Истакнувајќи дека Русија прави напори да ја дестабилизира Украина и одвнатре, Блинкен рече дека тоа се тактички потези на Русија и дека внимателно ја следат состојбата.
„Секоја нова агресија има сериозни последици“, нагласи Блинкен.
На состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО, што ќе трае два дена во Рига, ќе се разговара главно за руската воена активност на украинската граница и за ситуацијата по пристигнувањето на имигрантите на границата на Белорусија.
САД и многу западни земји, кои сметаат дека Русија е одговорна за ситуацијата во Белорусија, последниве денови често ги повторуваат своите предупредувања до Русија.
На состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО, покрај за Русија и Белорусија, ќе се разговара и за искуствата по повлекувањето од Авганистан, како и за новиот документ за Стратешки концепт, што се планира да биде донесен на самитот на Алијансата што ќе се одржи во Шпанија следната година.
Меѓу темите на средбата е и ситуацијата на Западен Балкан, особено по сепаратистичката реторика на Милорад Додик, српскиот член на Претседателскиот совет во Босна и Херцеговина.