Bakir Tiro
05 Ноември 2023•Ажурирај: 06 Ноември 2023
КУДС (АА) - Бенјамин Нетанјаху, премиерот на Израел, го суспендираше министерот за наследство Амичаи Елијаху од состаноците на владата на неопределено време, информираше кабинетот на Нетанјаху, пренесува Анадолу.
Елијаху ова утро во интервју за локалното израелско радио „Kol Berama“ изјави дека „нуклеарен напад на Појасот Газа е една од опциите на Израел“ и нагласил дека се противи на каква било хуманитарна помош за населението на опколениот палестински град кој со денови е цел на неселективно бомбардирање од страна на израелската војска. Елијаху рекол дека „не би требало на нацистите да им дадеме хуманитарна помош“, додавајќи дека „Палестинците немаат право на постоење“ и дека „секој кој виори палестинско или хамасово знаме не би требало да продолжи да живее“.
Нетанјаху во образложението за одлуката за суспензијата на Елијаху навел: „Зборовите на Амичаи Елијаху и реалноста не се исти и не ја одразуваат политиката на Владата на Израел. Израел и неговата војска делуваат во согласност со највисоките стандарди на меѓународното право за да се спречи штетата кон луѓето кои не се вклучени во судирот. Така ќе продолжиме сѐ до победата“.