Ikrame Imane Kouachi
14 Април 2024•Ажурирај: 15 Април 2024
КУДС/ЕРУСАЛИМ (АА) - Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес соопшти дека Хамас одговорил „негативно“ на контурите дадени од медијаторите во врска со предлогот за прекин на огнот со Израел што го доби во понеделникот, пренесува Анадолу.
„Помина повеќе од една недела од состанокот во Каиро - Хамас го отфрли нацртот што медијаторите го поставија на масата“, се вели од Кабинетот на Нетанјаху.
„Одбивањето на предлогот на тројцата медијатори, кој ја вклучуваше најзначајната флексибилност од страна на Израел, докажува дека (палестинскиот политичар Јахја) Синвар не сака хуманитарен договор и враќање на заложниците“, соопшти Кабинетот.
Хамас сѐ уште не се огласи во врска со наводите од Кабинетот на Нетанјаху, но вчера ја потврди својата подготвеност да „склучи сериозен и вистински договор за размена на заложниците меѓу двете страни“.
Соопштението од Кабинетот на израелскиот премиер дојде во време кога во Израел ескалираат протестите со барање за договор за размена на заложниците и прекин на огнот во Газа.
Во израелските напади во Газа, кои започнаа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври 2023 година, загинаа речиси 33.700 Палестинци, а во енклавата се држат околу 250 заложници.
Претходниот договор склучен во ноември опфаќаше ослободување на 81 Израелец и 24 странци во замена за 240 Палестинци - 71 жена и 169 деца.
САД, Катар и Египет се обидоа да посредуваат договор за ослободување на преостанатите израелски заробеници.
Конфликтот принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се расели, предизвика акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена.
Глобалните повици за прекин на огнот растат во услови кога војната влезе во седмиот месец.