Riyaz Khaliq
06 Ноември 2020•Ажурирај: 07 Ноември 2020
АНКАРА
Новата Влада на Нов Зеланд, која по вторпат ја предводи премиерката Јакинда Ардерн, денеска положи заклетва, а потоа е одржана и првата седница на Владата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Заклетвата во присуство на гувернерката на Нов Зеланд, Патси Реди, ја положија 20 члена на Кабинетот на Владата на премиерката Ардерн, чија Лабуристичка партија минатиот месец оствари историска победа со 64 места, што е првпат од деведесеттите години една партија да биде во можност самостојно да формира влада.
„Ќе бидеме влада за сите Новозеланѓани“, изјави Ардерн на конференцијата по одржаната прва седница на Владата.
Таа додаде дека го потсетила Кабинетот дека честа на служењето на народот доаѓа со огромна одговорност и дека не треба да се зема здраво за готово предводењето на тимот од 5 милиони во текот на наредните три години.
На почетокот од оваа недела, кога беше објавен составот на Владата, Ардерн рече дека тимот ќе биде „неверојатно разновиден“, бидејќи има осум жени министри, вклучувајќи ја и Нанаја Махута, првата домородна жена што беше министерка за надворешни работи.
„Никој во Нов Зеланд не сака да види пазар на домување според кој сопственоста на домот се одредува од тоа што претходната генерација е доволно богата да ја поддржи следната генерација, а сепак, тоа е реалноста. Барам начини да го надминам тоа“, рече Ардерн.
Таа рече дека постојат значајни предизвици кои ќе мора заеднички да се надминат, но дека е убедена дека има тим кој е одличен.
Во Парламентот со 120 члена, партиите треба да обезбедат 60 места за да можат сами да формираат влада.
Ардерн исто така најави дека Парламентот на Нов Зеланд официјално ќе биде отворен на 25 ноември.
Минатата недела Лабуристичката партија потпиша нов договор со Зелената партија на Нов Зеланд за „заедничка работа за да се постигне напредок во важни области како што се климатските промени, животната средина и прашањата за благосостојба на децата и заедницата во следните три години.“
Партиите беа во коалиција во последната Влада.
Во меѓувреме, крајните резултати за тоа дали марихуаната треба да се легализира во Нов Зеланд се негативни.
Според резултатите од референдумот, 50,7 отсто од граѓаните гласале против легализацијата, додека 48,4 отсто биле „за“, јави Радио „Нов Зеланд“.