Ekipa
20 Март 2018•Ажурирај: 21 Март 2018
СТАВАНГЕР (AA) - Силви Листхауг, министерката за правда на Норвешка, денес поднесе оставка поради пост кој го објави на Фејсбук (Facebook), во кој тврдеше дека опозициската Лабуристичка партија повеќе е заинтересирана за заштита на правата на терористите, отколку на норвешкиот народ, пренесува Anadolu Agency (AA).
Коментарот на Листхауг ги погоди свежите рани на нацијата која и понатаму има мачни сеќавања на нападот од јули 2011 година, кој го изврши десничарскиот терорист Андерс Беринг Брејвик. Тој на 22 јули 2011 година, глумејќи полициски службеник стигна на островот Утоја, каде што се одржуваше летен камп на младинците од Лабуристичката партија. Во пукотница уби 69 лица, претежно тинејџери. Два часа претходно детонираше автомобил-бомба во Осло, а во експлозијата загинаа осуммина лица.
Норвешката премиерка Ерна Солберг, поради реакциите на опозициските партии, се соочи со можност за распад на коалицијата под водство на конзервативците или смена на Листхауг, која го објави постот на почетокот на март. Листхауг по објавата на постот се извини и го избриша од Фејсбук, а денес поднесе и оставка.