Ekipa
03 Декември 2017•Ажурирај: 04 Декември 2017
АБУ ДАБИ (АА) - Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) денес ги негираа тврдењата на бунтовниците од движењето на Хусите во Јемен дека испалиле ракета на нуклеарниот реактор во Абу Даби, пренесува Anadolu Agency (AA).
Државната новинска агенција „WAM“ (ВАМ) ги оспори тврдењата на Хусите за лансирање крстосувачка ракета кон нуклеарната постројка Ал-Барака.
ВАМ, повикувајќи се на властите, соопшти дека ОАЕ „имаат систем на противвоздушна одбрана способен да се справи со каква било закана кон реакторот“.
Воен извор од Јемен, кој сакаше да остане анонимен, претходно изјави дека ракетата по нејзиното лансирање паднала во северната провинција Ал Џавф.
Ал-Барака е нуклеарна централа во изградба, а се очекува реакторот со работа да почне следната година.
Бунтовниците од шиитското движење на Хусите вчера ги обвинија Емиратите дека ја поддржуваат бунтовничката група на соборениот јеменски претседател, Али Абдула Салех, чии сили се борат против Хусите за превласт над главниот град Сана.
Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) се дел од коалицијата предводена од Саудиска Арабија која води оружена кампања против бунтовниците Хуси од 2015 година, откако тие ја зазедоа Сана и поголемиот дел од земјата и ја принудија меѓународно признаената влада на претседателот Абд Рабу Мансур Хади да побегне во Саудиска Арабија.