Esat Fırat
18 Декември 2018•Ажурирај: 19 Декември 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Од 1948 година најмалку 3 милиони и 200 илјади Евреи се доселија во Израел, јавува Anadolu Agency (AA).
Израелското Централно биро за статистика објави извештај по повод 18 декември - Меѓународниот ден на миграции.
Во извештајот се наведува дека од 1948 година па наваму од различни делови на светот во Израел се доселиле 3,2 милиона Евреи.
Наведено е дека 43 отсто од овој број во Израел се доселиле по 1990 година, односно по распаѓањето на Советскиот Сојуз. Сепак, како што е истакнато, Евреите и пред распаѓањето на СССР масовно се доселувале во Израел.
Во извештајот се наоѓа и податок дека меѓу 1989 и 2006 година во Израел се доселиле 1,6 милион Евреи заедно со своите семејства.
Во 2017 година во Израел се доселиле 38.000 Евреи. Во периодот од 1948 до 2016 година, 726.000 Евреи ја напуштиле земјата без намера да се вратат.
Израел дава право на секој Евреин да се досели во земјата, без оглед каде тој се наоѓа во светот. Од друга страна, оваа земја оневозможува враќање на принудно раселените Палестинци, иако правото на враќање им е загарантирано со Резолуцијата 194 на ОН.
Се наведува дека Израел во моментот има 8,9 милиони жители, од кои 2 милиона се Палестинци, кои се нарекуваат „израелски Арапи“. Палестинците сочинуваат 20 отсто од вкупниот број жители на Израел.
Израелскиот Парламент (Кнесет) во јули усвои закон кој го дефинира Израел како еврејска држава-нација, во кој е наведено дека Ерусалим е главен град на Израел, а хебрејскиот е единствен официјален јазик.
Според овој закон, граѓаните се поделени во два реда, еврејските празници се прогласени за државни, а за спорните правни прашања референца ќе биде еврејскиот закон.
Израелските власти претходно спроведуваа дискриминаторна политика кон арапското население, а со новиот закон тоа е и легализирано.
Поголемиот дел од одредбите на законот се во спротивност со постоечката законска одредба сите граѓани во Израел да имаат еднакви права и можности.
Со прогласувањето на Израел за татковина на сите Евреи, се занемаруваат правата на Палестинците на нивната окупирана земја. Исто така се поттикнуваат Евреите од другите земји на доселување во Израел, а се блокира враќањето на протераните Палестинци.