Ömer Yetkin Acar
06 Март 2018•Ажурирај: 06 Март 2018
САО ПАОЛО (AA) - Бразилското Министерство за здравство соопшти дека во последните седум месеци, потврдени се 723 случаи на заболени од жолта треска низ целата земја, од кои 273 лица го загубиле животот од оваа болест, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на веб-страницата на Министерството за здравство, случаите на заболени од жолта треска се зголемиле за 25 отсто во споредба со претходната година, односно, бројот на потврдените случаи се зголемил од 576 на 723, а бројот на смртни случаи од 184 на 273.
Провинцијата Минас Гераис во Бразил беше најзасегната провинција со најголем број утврдени заболени случаи, 314, и со најголем број регистрирани смртни случаи, 103, во последните 7 месеци.
- Во Рио де Жанеиро во 2018 година, 51 смртен случај -
Државниот секретар за здравство во Рио де Жанеиро соопшти дека во 2018 година, 51 заболен го загубил животот поради жолта треска во покраината, со што вкупниот број на случаи се зголеми на 112.
- Кампања за вакцинација -
Бразилското Министерство за здравство започна кампања за вакцинација во провинциите Сао Паоло, Рио де Жанеиро и Баија за да спречи ширење на епидемијата.
Во соопштението на веб-страницата на Министерството за здравство, се истакна дека до почетокот на месец март, биле испратени 20 милиони дози вакцини во три провинции, а до крајот на кампањата ќе бидат испратени околу 16 милиони дози вакцини.
Министерството соопшти дека во трите провинции каде што живеат приближно 76 милиони луѓе, биле вакцинирани околу 5,5 милиони луѓе, односно, 23,2 отсто од целната популација во кампањата за вакцинација.