Büşra Selvi Öğütcen
24 Септември 2017•Ажурирај: 25 Септември 2017
КОКС БАЗАР (AA) - Високиот комесар за бегалци на Обединетите нации (ОН), Филипо Гранди, упати апел до меѓународната заедница за испраќање помош за араканските муслимани (Рохинџа), јавува Anadolu Agency (AA).
Гранди во изјавата за медиумите за време на неговата посета на Бангладеш, истакна дека колективната миграција на Рохинџа муслиманите, кои од 25 август се принудени да мигрираат од Мјанмар во Бангладеш, моментално претставува најитна бегалска криза во светот.
Гранди пренесе дека бројот на лицата кои пребегале од насилствата во Мјанмар изнесува над 430.000 лица. „Тие имаат потреба од сѐ, храна, чиста вода, засолниште, соодветни медицински услуги“, рече тој.
Комесарот за бегалци нагласи и дека во случајот Бангладеш да им помага на бегалците, меѓународната заедница треба да понуди финансиска поддршка, како и да испрати средства за помош. Тој упати благодарност до владата на Бангладеш поради тоа што ги отворила границите за Рохинџа муслиманите.
Истакнувајќи дека муслиманите од Аракан имаат потреба од долгорочно решение, Гранди рече дека Мјанмар треба да стави крај на ова насилство кое предизвика голем број луѓе да ги напуштат своите домови. Тој нагласи дека потребно е организациите за човекови права да имаат пристап до кризниот регион.
Гранди пренесе дека претставниците на Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци при Обединетите нации (УНХЦР), и на Светската програма за храна се наоѓаат во Аракан, но, како што рече тој, сѐ уште е ограничено нивното движење. Тој вели дека потребно е да се поправи оваа ситуација со цел да им се помогне оние кои не преминале во Бангладеш.
„Имаме нецелосни информации. Знаеме дека на другата страна има луѓе кои се под притисок, и дека постојат луѓе во северниот дел на Аракан кои се раселени од нивните места“, истакна Гранди.
Филипо Гранди во рамките на неговата тридневна посета на Бангладеш, ги посети бегалските кампови во Кокс Базар.
Од 25 август, илјадници аракански муслимани го загубија животот како резултат на нападите на мјанмарската војска, под изговор дека води борба против вооружените милитанти. Точниот број на загинати сѐ уште не е утврден поради тоа што мјанмарската Влада не им дозволува на меѓународните организации да влезат во подрачјето.
За време на нападите од страна на војската и будистите националисти, запалени или уништени се околу 200 села. Десетици илјади аракански муслимани се обидуваат да пребегаат од регионот поради безбедноста. Тие стигнаа до Бангладеш преку планинските области, реката Наф или по морски патишта.