İdris Okuducu
24 Септември 2017•Ажурирај: 25 Септември 2017
ЕРБИЛ (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) предупредија дека неуставниот референдум за независност на северниот дел на Ирак, закажан за утре, може да предизвика немири и хаос во регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
Амбасадата на САД во Багдад ги повика сите американски државјани на внимание за можни немири до кои би можело да дојде утре, поради најавениот спорен референдум на Курдската регионална управа во северен Ирак.
„Во случај на можна криза, САД ќе ја ограничат својата дипломатска мисија. Особено ги предупредуваме американските државјани да не патуваат во регионот околу кој имаат спор ирачката влада и курдската управа“, се наведува во соопштението на амбасадата.
Претседателот на Курдската регионална управа во северен Ирак, Месуд Барзани, на 7 јуни распиша референдум за независност на тој регион и го најави за утре, 25 септември. Во меѓувреме, Владата, парламентот и Уставниот суд на Ирак забранија одржување на тој референдум, а за неприфатлив го оценија и соседна Турција и Иран, како и целата меѓународна заедница, со исклучок на Израел.
Официјален Вашингтон претходно предупреди дека патот којшто го избрала Курдската регионална управа во северен Ирак е многу опасен, и повика на откажување од тој план.