Bayram Altuğ
10 Август 2021•Ажурирај: 11 Август 2021
ЖЕНЕВА
Мишел Бачелет, високата комесарка за човекови права на Обединетите нации (ОН), ги повика државите да преземат акција за да ги спречат катастрофалните последици за народот во Авганистан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Неуспехот да се запре насилството кое ескалира, кршењето на човековите права и злоупотребите имаат катастрофални последици за луѓето во Авганистан“, рече високата комесарка Бачелет во писмената изјава.
Истакнувајќи дека се запознаени со тоа дека градските војни резултирале со смрт на многу цивили, Бачелет рече дека најмалку 183 цивили загинале, а 1.181 лице, меѓу кои и деца, се повредени во Авганистан само во Лашкаргах, Кандахар, Херат и Кундуз од 9 јули.
Бачелет исто така нагласи дека овие бројки се бројки што можеле самите да ги евидентираат и дека вистинскиот број цивилни жртви е многу висок.
- Повик до талибанците да ги „прекинат операциите“
Бачелет, повикувајќи ги конфликтните страни да го избегнат понатамошно крвопролевање и да престанат со борбите, нагласи: „Талибанците мора да ги прекинат воените операции во градовите. Доколку сите страни не се вратат на преговарачката маса и не постигнат мирно решение, веќе ужасната ситуација за многу Авганистанци ќе стане многу полоша.“
Бачелет, упатувајќи повик до сите држави да ги искористат своите билатерални и мултилатерални влијанија за да ги прекинат непријателствата во земјата, посочи дека во земјата продолжуваат да се појавуваат извештаи за воени злосторства и злосторства против човештвото.
Осврнувајќи се на мировните состаноци одржани во Доха, главниот град на Катар, Бачелет потсети дека меѓународната заедница има должност да ја искористи секоја прилика за да ја намали ескалацијата на тензиите, да ги прекине конфликтите и да го ревитализира мировниот процес во Авганистан.
- „Талибанците ги убиваат владините членови кои се предаваат“
Меѓу другото, Бачелет истакна дека во областите окупирани од талибанците добиле извештаи за убиства, напади врз поранешни и сегашни владини претставници и членови на нивните семејства, како и уништување на домови, училишта и клиники.
Бачелет, исто така, додаде дека Обединетите нации добиле извештаи за егзекуција на припадници на авганистанските безбедносни сили кои не се бореле и се предале откако добиле писма од талибанците дека нивната безбедност е осигурена.
Таа нагласи дека „оваа крајно вознемирувачка ситуација“ е сериозно кршење на меѓународниот закон за човекови права.
Бачелет исто така додаде:
„Луѓето со право се плашат дека преземањето на власта од страна на талибанците ќе ги избрише придобивките од човековите права во изминатите две децении. Жените, малцинствата, бранителите на човековите права, новинарите и другите кои се особено ранливи имаат потреба од посебна заштита. Постојат реални ризици, како што е повторното појавување на злосторствата врз етничките и верските малцинства.“