Tuba Şahin
09 Април 2018•Ажурирај: 10 Април 2018
АНКАРА (АА) - Организацијата на ОН за храна и земјоделство (FAO) утре ќе започне нов двегодишен план за сириските бегалци во Турција, истакна висок официјален претставник на ОН, јавува Anadolu Agency (AA).
Директорот на Одделот за итни случаи и рехабилитација, Доминик Буржеон, пред неговата посета на Турција за АА изјави дека Планот за сириските бегалци има за цел да ја подобри безбедноста на храната, да ги подобри приходите за живот и условите на сириските бегалци, како и местата каде што се згрижени.
„Нашиот фокус за следните две години е ставен на две области, тоа е безбедноста на храната и земјоделството, и средствата за егзистенција“, вели Буржеон.
Тој истакна дека програмата вклучува стручни програми со кои сириските бегалци ќе научат да одгледуваат храна за себе и ќе се здобијат со вештини за работа во земјоделскиот сектор во Турција.
„Околу 23 отсто од децата бегалци во Турција се неухранети. Цената на хранливите продукти како овошје и зеленчук варира, а понекогаш цените се толку големи што производите се недостапни за потрошувачите, во овој случај за бегалците. Затоа ФАО бара решение во земјоделстовто“, вели Буржеон.
Тој истакна дека финансирањето на програмите во 2017 и 2018 година е обезбедено од различни извори како што се Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР) и од Јапонија.
„Се надеваме дека ќе има повеќе донатори за нашата програма. Колку повеќе финансии ќе добиеме, толку повеќе можеме да помогнеме“, вели тој.
Буржеон нагласи дека за имплементирањето на сите програми во Турција ќе бидат потребни околу 95 милиони долари.
Тој исто така рече дека за време на неговата посета во Турција ќе се состане со претставници на турските власти и меѓународните партнери на ФАО за да го претстави планот.
Тој ја пофали Турција велејќи дека претставува големо достигнување тоа што е домаќин на 3,5 милиони сириски бегалци.
- Соработка со Владата -
„Ѝ честитам на турската влада и турскиот народ за великодушниот начин на кој ги згрижија сириските бегалци, и им честитам на поддршката која ја обезбедија“.
Тој изјави дека ФАО ќе продолжи да работи со турската влада за да им помогне на бегалците.
„Имавме огромна побарувачка за сите наши програми, и секој ден сè повеќе учесници наоѓаат работа“, рече Буржеон.
Тој нагласи дека минатата година 900 лица, од кои 30 отсто Турци и 45 отсто жени, имале корист од проектот реализиран заедно со турските власти за изнаоѓање начини за помош, преку кој бегалците се здобиja со вештини во земјоделскиот сектор во југоисточниот дел на Турција.
„Сега оваа активност сакаме да ја прошириме во другите области, и да понудиме обуки на различни теми“, вели тој.
Буржеон истакна дека Организацијата на ОН за храна и земјоделство (FAO) исто така работи на нови проекти со приватниот сектор и земјоделските комори во различни области на Турција.
Тој нагласи дека во јужната област Османије била изградена стаклена градина за оние кои престојуваат во Центарот за привремен престој во Османије.
„Лицата кои живеат во кампот добиваат помош во храна, но им фали разновидност. Затоа, ќе ги обезбедиме овие обуки и материјали со што луѓето ќе се научат сами да одгледуваат зеленчук во овие стаклени градини“.
Организацијата соопшти дека кратката и среднорочна стратегија на ФАО за решавање на сириската криза е усогласена со владината стратегија и политика и со тековните иницијативи на партнерите.
Организацијата работи во тесна соработка со Министерството за храна, земјоделство и сточарство на Турција, Претседателството за управување со катастрофи и вонредни состојби на Турција, Генералниот директорат за управување со миграции, Министерството за труд и социјална заштита, Министерството за семејство и социјални политики, агенциите на ОН и други.