Ekipa
21 Декември 2017•Ажурирај: 22 Декември 2017
СИДНЕЈ (АА) - Осомничениот, кој денес со возило удри во минувачи во австралискиот град Мелбурн е државјанин на Австралија од авганистанско потекло, соопшти полицијата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Полицијата на конференцијата за медиумите откри дека осомничениот од порано е познат на властите поради употреба на дрога и психички проблеми.
Како што наведоа, засега нема докази дека инцидентот е поврзан со тероризмот, но веруваат дека е предизвикан намерно.
Во истрагата се вклучени припадници на антитерористичките единици со цел да се потврди дека случајот не е поврзан со тероризмот.
Во инцидентот кој се случи на фреквентна улица во центарот на Мелбурн повредени се 19 лица, меѓу кои и едно дете чија состојба е критична.
На местото на несреќата излегоа голем број медицински тимови, а очевидците тврдат дека возилото со голема брзина удрило во пешаците.
Полицијата претходно го приведе возачот и уште едно лице.