Ekip
08 Март 2019•Ажурирај: 10 Март 2019
КАРАЧИ (AA) – „Пакистан во петок потполно го отвори воздушниот простор за комерцијални летови по седмодневното затворање“, соопштија воздухопловните власти, пренесува Anadolu Agency (AA).
Воздушниот простор беше потполно затворен за локалните и за меѓународните летови по минатонеделниот судир помеѓу пакистанската и индиската авијација, во кој двете страни тврдеа дека собориле авиони.
Воздушниот простор повторно е делумно отворен, а работата на големите аеродроми е обновена по неколку дена. Но до денешното соопштение, воздушниот простор на северот на Пакистан беше затворен.
Според Управата за цивилно воздухопловство (CAA), воздушниот простор на Пакистан во потполност е отворен и операциите на сите аеродроми се обновени.
Затворањето на воздушниот простор доведе до откажување на летовите поради што илјадници патници останаа заглавени на аеродромите низ светот.
Тензиите во кризниот Кашмир ескалираа на 14 февруари, кога во бомбашкиот напад врз парамилитарен конвој се убиени 44 и ранети 20 војници на Индија. Индија за нападот го обвини Пакистан, а официјален Исламабад ги отфрли обвиненијата и го осуди тој напад. Индиските сили на 26 февруари изведоа воздушни напади врз камп кој се наоѓа на пакистанската страна од линијата на разграничување.