Onur Usta
12 Февруари 2017•Ажурирај: 13 Февруари 2017
ПАРИЗ (АА) – Во предградие во северниот дел на Париз се одржа протест против насилството кое француската полиција го покажала при рутинска проверка на идентитет, јавува Anadolu Agency (AA).
Стотици луѓе се собраа пред судот во Бобињи, протестирајќи против насилството на полицајците, кои со пендрек извршиле полов напад врз младиот Тео. Со носење на транспаренти на кои беа испишани паролите „Правда за Тео“, „Се солидаризираме со обвинетите“, „Нема да бидеме жртви на полицајците“ и „Полицајците убиваат невини луѓе“, демонстрантите го искажаа својот револт.
Во вечерните часови настана судир меѓу полицијата и демонстрантите. Некои од демонстрантите запалија возило и комбе на француското радио РТЛ. Демонстрантите фрлајќи молотови коктели уништија и еден ресторан.
Суспендирани се четворица полицајци вмешани во случајов на 22-годишниот Тео. За еден полицаец е започната истрага за кривичното дело „полов напад“, додека останатите полицајци се обвинети за „намерно насилство“.
Претседателот на Франција, Франсоа Оланд, го посети Тео во болница, при што истакна дека одговорните во овој случај ќе ја добијат заслужената казна.
Надлежниот суд во Бобињи со затворска казна од 6 месеци осуди двајца млади демонстранти поради инцидентите кои настанаа по протестите организирани во знак на поддршка на Тео, врз кого пред два дена полицајци извршија полов напад.