Laura Gamba Fadul,Muhammed Yasin Güngör
27 Октомври 2025•Ажурирај: 28 Октомври 2025
БОГОТА/ИСТАНБУЛ (АА) – Партијата на аргентинскиот претседател Хавиер Милеј, Ла Либертад Аванса победи на неделните парламентарни избори со 40,8% од гласовите, според првичните резултати со преброени 96% од гласачките ливчиња, јавува Анадолу.
Партијата на Милеј ја порази опозициската перонистичка коалиција Фуерса Патрија, која освои 24,5% од гласовите. Владејачката партија забележа победи во клучни региони, меѓу кои главниот град Буенос Аирес, Кордоба, Санта Фе и Мендоза.
Гласачите во Аргентина вчера избраа речиси половина од местата во Претставничкиот дом (127 од 257) и една третина од Сенатот (24 од 72).
Изборите беа од огромно значење за Владата на Милеј бидејќи се сметаа за референдум за неговото владеење и ќе ја одредат можноста за спроведување на неговите големи економски и институционални реформи.
Со освоени 64 нови места во Претставничкиот дом, партијата Ла Либертад Аванса од 10 декември ќе има вкупно 94 пратеници. Иако тоа не претставува апсолутно мнозинство, резултатот е доволен за да може Милеј да го задржи претседателско вето и да спречи можни обиди за импичмент, со кои претходно се закануваше дел од опозицијата.
По објавувањето на резултатите, претседателот Милеј ја прослави победата во изборниот штаб, изјавувајќи дека „денес е историски ден за Аргентина“.
Откако дозна за изборната поддршка на неговата партија, претседателот Милеј славеше во својот за кампањата.
„Денес е историски ден. Аргентинскиот народ ја остави зад себе декаденцијата и го избра напредокот. Денес ја поминавме точката без враќање – започнува изградбата на голема Аргентина“, рече Милеј.
Милеј, исто така, рече дека „новиот Конгрес ќе биде фундаментален за обезбедување промена на насоката“ и најави дека ќе продолжи со значајни реформи.
„Во следните две години мора да продолжиме по реформскиот пат што го започнавме“, додаде претседателот, нагласувајќи дека проектите што ќе ги предложи се неопходни за „консолидирање на растот и подемот на Аргентина“.
„Почнувајќи од 10 декември, несомнено, ќе го имаме најреформистичкиот Конгрес во историјата на Аргентина“, додаде тој.
Изборите беа значајни и по ниската излезност на гласачите. Националната изборна комора објави дека во земја каде што гласањето е задолжително, помалку од 68% од електоратот гласал во недела, што е најниска излезност од враќањето на Аргентина во демократија во 1983 година.
Со овие резултати владејачката партија значително ќе го зголеми своето присуство во Конгресот, иако Сенатот ќе остане под контрола на опозицијата.
Американскиот претседател Доналд Трамп му честиташе на Милеј за неговата изборна победа.
„Тој одлично ја врши работата! Нашата доверба во него беше оправдана од народот на Аргентина“, напиша Трамп на својата платформа за социјални медиуми Truth Social.
Претходно Трамп јавно го поддржа Милеј во изборната трка, но најави дека ќе ја намали американската помош за Аргентина доколку победи опозицијата.
„Ако тој изгуби, нема да бидеме дарежливи кон Аргентина“, рече Трамп.