Hajer M'tırı
30 Мај 2018•Ажурирај: 31 Мај 2018
ПАРИЗ - Француската полиција денеска размести околу 1.700 мигранти од еден од најголемите импровизирани кампови во североисточниот дел на Париз, јавува Anadolu Agency (AA).
Станува збор за кампот „Millenaire“ на брегот на каналот Сен Дени, каде што беа сместени претежно мигранти од африканските земји.
„Ние всушност и не знаеме каде одиме. Овде и така ни беше тешко“ , рече Исам, либиски мигрант кој им се обрати на новинарите пред качувањето во автобус.
Полициските официјални лица истакнаа дека мигрантите ќе бидат згрижени во привремени центри и училишни сали на подрачјето на Париз.
Евакуацијата на мигрантите се изведува во екот на повиците од невладините организации и Канцеларијата на градоначалничката на Париз, коишто од француските власти бараат итна реакција и трајно решавање на мигрантската криза.
„И другите кампови наскоро ќе бидат евакуирани, можеби веќе следната недела“, рече полицискиот претставник Мишел Кадот.
Во моментов, околу 800 мигранти се наоѓаат во импровизираниот камп на брегот на каналот Сен Мартин, а речиси 400 мигранти во кампот кај „Порт де ла Шапел“.
Исклучително лошите услови за живот на мигрантите во камповите и сè поприсутниот ризик од појава на заразни болести предизвикаа несогласувања меѓу Градската управа на Париз и француската Влада.
Француската полиција во изминатите три години изведе слични евакуации на мигранти во 35 наврати и од Париз размести околу 28.000 мигранти.